[Интервју] Дамјан Даневски: „Inclusive music“ е училиште за сите атипични и типични деца

Чим децата го фатат ритамот, гледаш како се смеат, како им е кул, тоа е убаво чувство! Градат самодоверба и учат нови вештини. Плус помагаме за фина, груба моторика, концентрација, когнитивните способности да се дигнат на повисоко ниво, вели во интервју со Радио МОФ Дамјан Даневски од инклузивното музичко училиште „Inclusive music“. 

Со Дамјан се најдовме во ТЦ Капиштец, трагав по продавница и случајно поминував покрај просториите на „Inclusive music“. Одма се споивме со муабет. Влегов внатре да разгледам – тој понуди кафенце, а јас понудив интервју. Всушност, договаравме разговор уште пред некој месец, ама, никако да се погодиме со термин поради обврски. Еве сега бидна шанса, тотално спонтано.

„Оваа просторија беше во незавидна состојба. Но, со голем труд ја опремив со инструменти кои соодветствуваат на различни потреби на различни деца. Сакав да биде најсовремена, направена во смарт-систем. Имам и блутут поврзување, телевизор… Допрва чекам да ми стигнат и табли ‘пиши-бриши’“, раскажува тој.

Дамјан како ја отпакува опремата, фото: Inclusive music

Дамјан е магистриран џез тапанар, кој активно се занимава со музика повеќе од десет години. Композитор е и изведувач на авторска музика во бендови како „No Control“, „D Project“, „Wave“, „Зулу 3.4“… Со последниов инструментален состав лани добија награда за најдобри млади џез музичари од „Скопски џез фестивал“. Исто така, Дамјан е еден од основачите на Skopje Drum Talks, иницијатива за музичка едукација и поддршка на правата на музичарите, со акцент на тапанарите.

Освен што е сестран музичар, Дамјан е и приземен момак. Знае што сака да прави и како да ја употреби музичката едукација за повисоки цели.

„Овој план го спремам околу четири години. Имам веќе искуство со предавање во други училишта, сум давал часови индивидуално. Истовремено, познавам блиски луѓе со дечиња со попреченост кои секогаш прашуваа ‘Ај да го донесеме на часови’. Па, се’ се случи природно. Зошто да не им се даде простор на децата каде можат да посвират, каде ќе бидат свои? Сите сакаат музика, така? Ова е место за сите атипични и типични деца“, посочува Дамјан.

Затоа има и професионална поддршка од дефектолог. Работат заедно. Мора да ја има таа стручна помош, но да не биде класичен дефектолошки третман, туку децата истовремено да учат и да се забавуваат.

Фото: Inclusive music

Во „Inclusive music“ ќе најдете клавијатури, тапани, гитара, бас гитара. Објаснува дека, пример, за тапаните постојат дечиња сензитивни на звук, па затоа земал и електрични тапани.

„Едната гитара е моја, а друга имав шанса да земам за лица со доминантна лева рака. Бидејќи, постојат деца со аутизам што се леваци, или користат и лева и десна. Зошто родителот да купува левичарска гитара, кога детето може да дојде тука и да свири“, вели Дамјан.

Работат на термини од еден час. Тој час варира, со некои деца знае да биде 30-ина минути, со други 45-50 минути.

„Со време зголемуваме, пристапот зависи од дете до дете. Поетата е да се работи. Ако има проблеми со говор – ајде да поработиме со говорот. Ако има со фина моторика – ајде со фина моторика. Во денешно време повеќе деца имаат проблеми и со концентрација, особено сега со телефоните. Но, првиот час ми е многу важен. Да дојде детето со родителот, да се запознаеме, да се почувствува убаво. Да изградиме однос, доверба, другарство. И, стануваме екипа и тераме заедно! Потоа има група настава, индивидуална, или специјализираната со дефектологот“, објаснува тој.

За него е несомнено важно ако некој се занимава со едукација, прво и основно, треба да има трпение. И, да научи како да го пренесе знаењето, имајќи на ум дека некои деца за прв пат се сретнуваат со инструменти. Целата поента на школото е да се понуди нешто што недостасува.

„Мислам дека ваков модел е прв во Македонија, кој ќе понуди удобен простор на сите деца. Има тука и една моја филозофија. Цело време зборуваме ‘ништо не чини, ништо не се прави’. Но, кога доаѓаме навистина да смениме нешто, луѓето или се повлекуваат, или стануваат полоши од претходните верзии. Пред се’, треба да имаме волја и да бидеме луѓе. Затоа е ова направено. Јас многу сакам музика, свирам музика, креирам музика, тоа ми е љубов! Многу сакам и едукација. Кеиф ми е кога можам на некој да помогнам. Се’ што барам е, кога некому ќе дојде редот – да го направи истото“, нагласува Дамјан.

Бојан Шашевски