[Став] Најважните случувања во 2023 година

Мајкл Џ. Боскин

Некои од прашањата што ја дефинираа изминатава 2023 година беа „мекото приземјување“ на американската економија, војната за уништување во Украина, терористичкиот напад на Хамас и неговите последици, огромниот напредок во вештачката интелигенција и загубата на две големи личности од американската јавна служба. Сите овие нешта нè потсетуваат на тоа дека светот има очајна потреба од нови лидери кои во исто време ќе бидат и компетентни и ќе инспирираат. 

Изминатава 2023 година ќе биде запаметена по големиот број на значајни економски, политички и технолошки настани. Но, една од најзначајните работи кои не се случија е рецесијата во САД. Во време кога некои делови од Европа „флертуваа“ со рецесијата, а Кина се „сопна“ откако ги укина ограничувањата за „нула-КОВИД“, американскиот пазар на труд и американските потрошувачи се покажаа прилично отпорни на случувањата.

Тоа воопшто не ме изненади. Во летото 2021 година предвидов дека таканаречениот американски план за спас на претседателот Џо Бајден  (непотребен пакет во износ од 1,9 трилиони долари на готовински плаќања и субвенции што беше три пати поголем од проценетиот производен јаз во следниве две години) ќе доведе до висока инфлација. Како реакција на тоа, федералните резерви ќе мораат да ја зголемат целната каматна стапка, а економијата ќе забави.

Сепак, јас не бев дел од мнозинството кое тврдеше дека рецесијата е неизбежна. Наместо тоа, мислев дека имаме добри шанси за меко приземјување (опаѓање на стапката на инфлација во отсуство на поголема невработеност), бидејќи сите неодамнешни тешкотии кои се случија во однос на ангажирањето и задржувањето работници ќе поттикнат голем број на фирми да „складираат“ работна сила.

Но, опасноста за САД сè уште не е помината. Се забележуваат и некои очигледни знаци на слабост, како на пример кај недвижностите, и иако инфлацијата бележи тренд на опаѓање, индексот на потрошувачката кошничка (PCE), кој не ги зема предвид нестабилните цени на храната и енергијата, сè уште бележеше пораст во износ од 3,5% од година во година во месец октомври, што е далеку над целта на ФЕД од 2%.

Уште повеќе, суровото кумулативно влијание на инфлацијата остави зад себе оптоварени буџети на голем број домаќинства, што објаснува зошто Бајден заостанува зад поранешниот претседател Доналд Трамп во анкетите на јавното мислење пред изборите во 2024 година. Многу други прашања, како што се растечката стапка на криминалголемата илегална имиграција и отфрлањето на случајот Роу против Вејд, потоа четирите кривични пријави против Трамп и прашањата на улогата на Бајден во скандалот со ширењето на влијание на неговиот син, заеднички придонесоа кон тоа електоратот, генерално, да биде неповолно расположен.

Пред десет години, никој не можеше да предвиди голема копнена војна во Европа. И покрај неодамнешниот успех на Украина во расчистувањето на Црното Море од руските поморски закани, конфликтот на теренот е закочен и без крај на повидок. За среќа, глобалниот енергетски пазар и понатаму испорачуваше течен природен гас (ТНГ) во Европа и тоа побрзо отколку што беше предвидено. Таквите испораки, во комбинација со умерената зима, го поштедија поголемиот дел од европскиот континент од големи тешкотии при неговото одвојување од руската енергија. Тоа е уште еден пример за придобивките што се овозможени од пазарите тогаш кога им се дозволува да функционираат.

Во меѓувреме, варварскиот терористички напад на Хамас врз Израел го соочи светот со шокантно ниво на невидена суровост, вклучувајќи силувања и обезглавувања на цивили во нивните домови. Уште полошо, одговорот на Израел, со оглед на цивилните жртви и екстремно тешките услови во Газа, доведе до наплив на симпатии кон Хамас во американските колеџ кампуси, каде што многумина повикуваа на елиминација на државата Израел и, барем имплицитно, на геноцид врз Евреите. Во една неодамнешна анкета на YouGov/Economist, секој петти Американец на возраст од 18 до 29 години го опиша холокаустот како „заблуда.“

Повеќето Американци се шокирани и згрозени од слабата реакција на претседателите на универзитетите во однос на антисемитизмот во кампусот. Но, тоа не треба да ги изненадува, бидејќи тоа е уште една манифестација на разбудената „прогресивна“ идеологија на која ѝ е дозволено да метастазира на елитните универзитети. Како резултат на тоа, секое прашање е подложено на едноставно врамување на „угнетувачи наспроти угнетени“. Хиерархиите на „сеприсутни“ жртви и неточната историја честопати се користат за да се оправда ужасното однесување на одредени групи.

Сега веќе сите ги знаеме факторите кои покренуваат предупредувања, безбедниот простор, опседнатоста со тоа како биле кажани работите и културата на укинување (cancel culture), а сето тоа ги поттисна здравиот разум и универзалната почит кон сите луѓе, како и објективноста и искреното интересирање за тоа што навистина се случило. Повиците за „рамноправност“, „инклузија“ и „правда“ на кампусот и во многу фирми никогаш не се однесуваа и на Евреите (кои сочинуваат 2,5% од населението на САД а вкупно 63% од сите злосторства од омраза кои се на верска основа ги вклучуваат токму Евреите) или, пак, на Азијците. Не е ни чудо што високото образование се соочува со криза на довербата и повикува на одземање на финансиите.

Уште една работа која е најтесниот круг да биде избрана за најважна активност во 2023 година е „експлозијата“ на вештачката интелигенција која со години се користи во различни апликации, но забрзаниот напредок и стравувањата дека ќе ги замени луѓето ја зголемија будноста кај државите во насока на воведување на разумни правила. Максимизирањето на придобивките и ублажувањето на штетата нема да биде лесно, особено со оглед на брзиот напредок на Кина во однос на вештачката интелигенција.

На крајот од оваа година, Америка остана без два вистински џинови. Имав привилегија да ги наречам пријатели поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер и поранешната судијка на Врховниот суд на САД, Сандра Деј О’Конор. Како и неговиот близок пријател, поранешниот државен секретар Џорџ Шулц, Кисинџер почина веднаш по неговиот 100-ти роденден. Тој беше најдобро познат според играњето на „кинеската карта“ со цел забивање на клин во меѓусебниот однос на Кина и Советскиот Сојуз; завршување на Виетнамската војна, за која ја доби Нобеловата награда за мир; и управување со односите со Советскиот Сојуз за време на Студената војна.

Реалполитиката за „рамнотежа на силите“ на Кисинџер секако имаше свои противници, особено поради цивилните жртви во Камбоџа, Виетнам и Источен Тимор. Но, историјата ќе го одбележи (заедно со Шулц) како еден од најголемите американски дипломати – заедно со Дин Ачесон, Џорџ Кенан и Џорџ Маршал, кои му помогнаа на претседателот Хари Труман да ги воспостави економските и безбедносните принципи по завршувањето на Втората светска војна.

О’Конор, која беше првата жена во Врховниот суд, беше прагматична, конзервативна, скромна, шармантна и цврста, но никогаш злобна. Да беше либерален демократ, ќе имаше повеќе споменици и јавна инфраструктура кои ќе го носат нејзиното име. Како разнолик глас на Судот во период од повеќе децении, таа често ги отфрлаше апсолутистичките позиции во врска со жешките прашања, како што се абортусот и афирмативните активности, и создаваше компромиси што големо мнозинство Американци можат да ги прифатат.

Овие две индивидуи продолжија да даваат свој придонес уште долго време откако заврши нивното работење во јавната служба. Кисинџер ги советуваше светските лидери и пишуваше влијателни книги, и тоа го правеше со интензитет што ќе го запрепасти дури и најплодниот млад автор, додека О’Конор го промовираше граѓанското образование кое сè повеќе исчезнува од наставните програми за образование на К-12 (и на факултет). Можеме само да се надеваме дека наскоро ќе се појави нова генерација на мислители и чинители од нивен калибар која ќе помогне во тоа да ѝ помогнат на поделената нација да ги преброди овие турбулентни времиња.

Мајкл Џ. Боскин

Мајкл Џ. Боскин е професор по економија на Универзитетот Стенфорд и виш соработник во институцијата Хувер. Тој беше претседател на Советот на економски советници на Џорџ Буш од 1989 до 1993 година и ја предводеше таканаречената Боскинска комисија, советодавно тело на Kонгресот што ги истакна грешките во официјалните проценки за инфлацијата во САД. 

*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.