Учениците Македонци од прво до петто одделение, во тетовското село Непроштено повеќе од 20 години учат во модуларно училиште, направено од лимени контејнери кое од привремено полека станува трајно решение за паралелките на македонски јазик. По десниот тек на реката Тополка, велешко и движејќи се кон централниот дел на земјава во селото Чашка се наоѓа училиште во кое на учениците Албанци не им е дозволено да учат на нивниот мајчин јазик. Албанските паралелки од прво до петто одделение наставата на албански јазик се обврзани да ја следат во џамија во селото Бањица. Скопската општина Аеродром на четвртоодделенците во ООУ. „Ѓорѓија Пулевски“ на почетокот на школската година им додели таблет уреди. На доделувањето присуствуваше и акуелната министерка за образование. Учениците, во можеби најсовременото основно училиште во државава „Киро Глигоров“ во Скопје, првите часови не можеа да ги одржуваат поради горештината што влегува преку фасадата од прозорци. Први септември годинава доцни за некои ученици кои сè уште ги чекаат образовните асистенти за да посетуваат настава. Тоа најверојатно ќе биде до 1 октомври.
Сите овие состојби се дел од еден образовен систем. Некои се појавија годинава, другите се повторуваат – а за решение засега има само најави.
За дводецениската состојба во тетовско Непроштено размислував пред да започне тековнава учебна година. На први септември, додека правев фото-обилколка низ скопските училишта за првиот училиштен час, сфатив дека за учениците таму не се враќа само наставата туку и старите проблеми. По конфликтната 2001, сите деца Македонци и нивните наставници од основното „Екрем Ќабај“ се префрлиле во овие бараки – две модуларни простории за кои им било ветено дека се само привремен објект, додека се реши кризната состојба. Тие генерации завршиле, денес веќе можеби и високо образование, но 23 години подоцна некои нови деца учат под истите услови во денес веќе етнички поделеното Непрошетно – во македонскиот дел од селото. Објектот го посетувам речиси секоја година, секогаш однадвор. Секоја година станува се’ помал, потрошен, позапуштен. А, секоја година ново прваче зачекорува внатре. Неговите родители, баби, дедовци бараат нов објект, но со децении наидуваат на одговорот дека учениците можат да се вратат во „Екрем Ќабај“ каде денес учат повeќе од 100 ученици Албанци. Очигледно спорот го водат жителите на селото и Општината Теарце под чија капа спаѓа управувањето со училиштата во Непроштено. Но, решение на овој спор нема.
Од ноември претходната година, и почетокот на второто полугодие лани, јавноста сведочеше на блокади од група граѓани во Чашка кои бараа паралелката на албански јазик од локалното „Тодор Јанев“ да се префрли во друго село. Родителите на учениците Македонци ѝ го блокираа патот на директорката на школото која минатиот септември овозможи настава на албански јазик за дел од учениците, и која на работа одеше со полициска заштита. Ставот на групата од 15-20 родители кои активно протестираа беше дека според Статутот на училиштето, наставата се води само на македонски јазик и дека е незаконски да се отвори паралелка на албански јазик. Додека траеја протестите, 150 ученици од кои половина се етнички Македонци губеа настава. Моментално, учениците Албанци од прво до петто одделение учат во просториите на Џамијата во село Бањица и чекаат на новото училиште „Дитуриа“ за кое министерката за образование Весна Јаневска минатата недела најави дека ќе биде готово за околу две недели. Во ова училиште ќе ги собере само учениците од пониските одделенија, додека оние од шесто до деветто ќе продолжат да учат на македонски јазик во „Тодор Јанев“. Со цел сите ученици кои се етнички Албанци да можат да следат настава на својот мајчин јазик, МОН треба да изгради целосно ново училиште, кажа градоначалникот на Чашка претходната недела.
На првиот училиштен ден родителите на децата со посебни образовни потреби наместо образовен асистент кој треба да го помага образовниот процес на нивното дете, добија информација дека за тоа ќе мора да почекаат, барем две недели. Две седмици откако започна школската година, образовните асистенти почнаа да потпишуваат договори за работа, но дел од нив сè уште не се во училишните клупи со децата на кои им се потребни. Фрустрациите на родителите дополнително растат што министерката или ресорното министерството во ниту еден момент не кажаа конкретен датум кога учебната година ќе започне за сите деца. Прво кажаа 2 септември, потоа 10, потоа постепено следните денови. Денес е 16 септември, а некои деца и денес беа вратени од училиште. Сè уште не се знае кога ќе тргнат на школо и ќе останат таму, на часови.
Додека некои родители се загрижени за тоа дали детето ќе им го вратат бидејќи нема асистент, други мислат како уште една зима треба да се помине во лимени простории, трети ги носат на школо во Џамија. Други родители се грижат за тоа дека на децата им е премногу топло во школото кое има стаклена фасада. Една родителка на ученик во скопското „Киро Глигоров“ на социјалните мрежи проговори дека училниците во најсовременото училиште во земјава се неклиматизирани. Нејзината фејсбук објава не наиде на поддршка, туку на многу непријатни коментари кои потоа се проширја во цели објави и настана уште една фејсбук хавараија без конкретен исход.
Но, во својот статус таа отворено ја прашува општинската власт како може да нема климатизација во школо кое е изградено од стакло? Ако, тоа се случува со ова училиште, вели таа, што е со другите низ Македонија?
Сите овие училишта и нивните проблеми се дел од еден образовен систем – македонскиот кој е раководен од Министерството за образование и наука. Но, за секоја од ситуациите, МОН согласно Законот за основно образование, прстот може да го впери во локалните самоуправи под чија надлежност се училиштата. Општините, односно градоначалникот назначува директор во општинските основни училишта кои потоа бираат наставници. Основните училишта делумно се финансираат преку блок дотации и наменски дотации од буџетот на државата, а Советот на општината одлучува како ги распределува средствата по училиштата за да се реализира воспитно-образовниот процес. Општините можат, доколку сакаат да обезбедуваат дополнителни ресурси за нивните локални училишта. Таков е примерот што го споменав погоре; градоначалникот на општина Аеродромна четвртодделенците во едно основно училиште им додели таблет уреди. Градоначалникот на Општина Кисела Вода пак, обезбеди компјутер за секој наставник кој предава во школите во општината. Или, доколку не можат/не сакаат, општините можат да се обратат до Министерството со нивни проценки и планови за подобрување на условите во училиштата во нивните реони.
Но, тука се јавува кочницата – дали на општините им е грижа доволно за да го спроведат тоа?
Општина Теарце лани за СДК.мк изјави дека „не постојат финансиски можности“ да се изгради објект за учениците Македонци во Непроштенско, и им порача да се вратат каде што биле пред 23 години. На градоначалникот на Општина Чашка, откако одлучи да не отвори албанска паралелка, МОН му ги одзема ингеренциите. Тој сега вели дека за погорните одделенија составени од етнички Албанци да учат на албански јазик МОН ќе треба да гради училиште. Образовните асистенти доцнат поради МОН и ненавремено објавениот конкурс за нивно вработување, но оттаму во еден момент периодов кажаа дека и тоа е вина на школите и ресурсните центри.
И сега, ако Општина Теарце вели дека нема финансии за нов објект, Општина Чашка ги повикува да градат ново школо, родителите бараат МОН навремено да обезбедува финансии за образовните асистентите, дали тоа повторно нè упатува на мислењето дека сепак Министерството е тоа кое (треба да) ја одржува хармонијата на системот? Ако актуелната министерка присуствува на доделувањето таблети во Аеродром, слуша како Кисла Вода обезбедила компјутер за секој наставник, дали само замижува пред фотографиите од модуларното школо во Непроштено и фактот што деца учат во Џамија?! Ако некои општини можат да обезбедат дополнителни средства за модерни школи со стаклени фасади или за дигитални помагала во наставата, а други не можат да изградат ниту една училница од цврст материјал, дали Министерството треба да го задржи својот рамноправен однос? Не велам дека не се инвестира и дека во овие години на независност македонското министерство нема вложувано во образовната инфраструктура; веќе се гради школо за дел од учениците од Чашка за по една година да се вратат во нормални услови. Но, што е со 23 години учење во нехумана состојба? Две децении, ниту еден министер, ниту една општинска власт, ниту еден надлежен не се покрена да обезбеди простор за овие ученици. А камоли таблет уреди.
Ангела Бошкоска
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.