Учениците од тетовско учат во подруми и лимени контејнери

KON1

Овој контејнер ( на сликата горе) е наследство од косовската криза од 1999 година. Ако тогаш во него привремено беа сместувани бегалците од оваа земја, денеска тој служи како импровизирано училиште во кое што наставата на македонски јазик ја следат околу 20 деца од селото Непроштено. Така е повеќе од 10 години, јавува Нова Тв.

Внатрешност на контејнерот со небезбедна електрична инсталација. Објектот, односно контејнерот е лимен. Во пролетниот и летен период кога температурите се високи, лимот толку се загрева, што во контејнерот е буквално неподносливо од жештина. Во зима, пак, децата не можат ниту да се загреат. Наставниците раскажуваат за ужасните услови во кои тие и децата мора да седат, но не сакаат да зборуваат јавно со име и презиме од страв да не ја загубат и оваа каква-таква работа.

„Поради дотраената инсталација понекогаш не може да се вклучи ниту грејно тело нити клима уред, а при секој висок напон снемува струја“, вели родител на еден ученик.

„Тука нема ниту канцеларии за наставниците, нема ниту компјутери, а тоалетите се во катастрофална состојба“, додава друг родител.

Воениот конфликт во 2001 година ги раздвои учениците Македонци и Албанци

Имровизираното училиште од Непроштено административно припаѓа под основното училиште „Еќрем Чабеј” од селото Слатино. Пред воениот конфликт во 2001 година учениците Македонци и Албанци наставата ја следеле во ист објект кој ги задоволувал потребните образовни стандарди, а бил лоциран на само 100 метри од лимените контејнери. Но поради честите меѓуетнички инциденти како последица од конфликтот во 2001 година било одлучено учениците Македонци да се одделат и да бидат сместени во контејнерите. „Неколку пати од властите сме побарале помош за изградба на типско училиште за нашите деца, но досега не сме добиле никаков одговор“, велат родителите на децата Македонци.

Од локалната самоуправа од Теарце велат дека по барање на министерството за образование понудени се неколку локации за изградба на нов објект за следење на настава во Непроштено. Но парите за ваквата инвестиција треба да ги обезбеди министерството, бидејќи се работи за капитален проект, велат од општина Теарце. Од министерството за образование веќе неколку дена одбиваат да одговорат дали планираат да одвојат средства за изградба на нов училишен објект

На само неколку километри од Непроштено во подрачното основно училиште „Братство Миѓени”, лоцирано кај спортскиот центар во Тетово, дел од учениците се принудени да учат во подрумски простории. Училиштето во кое учат 650 ученици долги години чека изградба на уште еден спрат со што би се решиле просторните проблеми. За овој инфраструктурен зафат раководството на училиштето има изработено и идеен прооект за чија реализација има побарана пари од министерството за образование. Во меѓувреме, влажните подруми во кои едвај допира дневната светлина се судбина на стотици деца кои овде го почнуваат своето образование.

Министерството за образование и за овој случај одби да одговори на прашањата на Нова ТВ дали ќе се произнесат позитивно на барањата на училиштето.

Освен со просторни,учениците од ова училиште се соочуваат и со безбедносни проблеми. Тротоарот кој води до нивното училиште е узурпиран од автоперална. Поради тоа, за да стигнат до училиштетот децата се принудени да одат на самата улица. Попусти беа протестите и бојкотот на наставата на учениците минатата учебна година. Општината за ваквиот проблем не презеде никакви мерки. Да биде апсурдот уште поголем, просториите каде што е сместена пералната е во сопственост на тетовската локалната самуправа која објектот го издала на приватен концесионер, кој узурпира јавни површини загрозувајќи ја безбедност на учениците.

Целиот текст прочитајте го на Нова Тв.