[Став] Абе ајде – потешкотии на деца од самохрани семејства?

Синиша Станковиќ

Самохран родител е родител кој сам ги врши правата и должностите, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или е во затвор повеќе од 3 години. Овој термин речиси сѐ уште е недостапен, неутврден или целосно некористен од страна на македонските јавни институции. Зошто тоа е така и како македонската правна форма го дефинира, зависи од самиот државен орган, во кој барате одредено прашање, поднесувате барање или молба.

Во принцип, народски кажано „секој како што си го замислува така и го споделува“. Во теорија и според Устав, ние сепак сме демократска земја во којашто владеат човековите права, но во пракса, ова е сосем различно имплементирано, речиси никогаш обработено.

Во оваа колумна Ви пишувам за маргинализираните деца и млади од самохрани семејства – „заборавените сирачиња во нашата земја“.

На почеток, Ви се извинувам доколку користам и што ќе користам вокабулар којшто не доликува на една стандардизирана верзија на објавен став, колумна и дело. Тоа е поттикнато од една долгогодишна, скоро две децениска борба за опстанок, независност и интегритет.

Можеби и една, единствена и добрата страна што сум детектиран како младинец од самохрано семејство е во тоа што имам храброст да се појавам, да соберам сопствени сили и гласно да излезам и да говорам за малиот број на вистински, а сепак абнормална цифра на историски и длабоко скриени лажни и изманипулирани правди.

Државата со години наназад не „успорува“, но за нејзина „одбрана“, таа сепак имам некаква политика и за овие семејства. Но, таа е сосема недоволно развиена и законски мрежно неповрзана. Децата и младите од овие семејства речиси се изоставени од многубројни поволности што треба една држава да ги има, сочинува и тековно да ги унапредува.

Право на бесплатно образование

Почнувам од ова зашто ми создава најтешки емоции. Постојат огромни семејства каде што не можат да ги испратат своите деца во училиште заради тоа што образованието е бесплатно само на хартија, но не и во училиште. Можете да забележите како мали деца се наоѓаат на листата на чекање на прием во градинка. Самохран родител не може дете од две годишна возраст да го остави на милост и на немилост само дома и да замине на работа, а сепак има огромна потреба од работа, за покривање на основните трошоци за живот.

Следно, проблеми во основното образование, почнувајќи од училишен прибор, облека, ИТ уреди коишто служат за нормално одвивање на наставата, вонучилишни активности како: екскурзија, викенд прошетки, полуматурски прослави и така натаму. Сите овие се трошоци кои Законот на бесплатно образование теоретски не ги опфаќа, практично постојат.

Замислете колку му е тешко на еден родител да не можи своето дете да го прати на активности заедно со своите врсници? Јас не можам да Ви опишам, јас не сум родител, но може секој оној којшто го почувствувал на своја кожа. Патем, ќе поставам едно реторичко прашање: „Може ли да се објасни со зборови таа внатрешна емоција?“.

Кога пак мислите дека проблемите веќе завршуваат, почнуваат најголемите финансиски потреби. А што со Факултет и факултетските денови? Студентите од самохраните семејства не се запознаени со правото дека имаат шанса да плаќаат дел од партиципацијата за студирање на студиска програма (иако не е целосно ослободување, сепак претставува олеснителна алатка, но вработените во студентски прашања си молчат за овие понуди – прашајте си!). Понатаму немаат право на бесплатен студенски дом: студентскиот дом сепак се наплаќа половина од редовната цена. Ниту пак на бесплатен студентски оброк, превоз, книги, материјали потреби за на факултет, и во најлош степен, овие студенти земаат најмала стипендија за студирање.

Се извинувам ако заборавив уште нешто да наведам, уште многу што да се кажи и пишува, али оставам три точки… Мора да се сложиме дека – има „бенефиции“, но тие се сосема мали и незабележителни во однос целокупниот потребен финансиски опстанок за овие категории на граѓани. Можеби додека читавте ќе додадете сопствен коментар како „многу барате“; „потрага по финансиски надомест“, но верувајте секој денар е значаен и добредојден!

Право на бесплатно здравство

Иако се група на граѓани со ограничени парични средства, повторно се изоставени и ги плаќаат основните здравствени услуги), да не зборуваме за секојдневните донации и објави за хуманитарни акции за помош на деца и млади самохрани семејства. Константно се споделуваат банкарски сметки за лекување во домашните приватни клиники и странските земји за овие деца. Државата иако има Фонд за здравствено осигурување, сепак одредени тешки дијагнози речиси и воопшто не се покриваат. Ова како што е проблем на самохраните семејства, така и на сите фамилии во државата. Останува заеднички сите да се бориме за еднакви права и можности, бар ако не повеќе, елементарните и примарните здравствени дејности да се целосно бесплатни со редовни прегледи и консултации.

Социјална политика

Речиси скоро сите самохрани и еднородителски семејства се со необезбедено станбено прашање, а социјалните станови и државните објекти под закуп не се распределуваат по транспарентен пат, па некои за жал остануваат и понатаму без решение на овој животен проблем. Тука е и делот на стипендиите, пензиите или друг финансиски надоместок од државата. Институциите немаат посебен износ каде се финансирани овие видови на млади. Во делот на семејна пензија од родител, се изоставуваат членови како на пример деца родени, но во меѓувреме едниот родител починува, а со тоа автоматски не е заведен како дете на починатот родител и нема право на користење на оваа придобивка. Исклучително тука семејна пензија добиваат само деца и млади чии родители биле заведени во извод од матични родени и имаат работен стаж од 12 години. Се друго е надвор од овие правни тематики.

Овие претставуваат само дел од реалната слика за тоа со какви проблеми се соочуваат самохраните и еднородителските семејства и кои треба да бидат идните заложби на оваа држава, за да им се овозможи безбедна и сигурна иднина!

Можеби еден унифициран пристап, се разбира дополнет со членови во зависност од финансиската состојба, материјалните средства или останатите извори на живеење, би бил одличен систем за подобрување на правата на самохраните семејства и надминување на потешкотиите што се соочуваат овие млади, а со тоа и земјата се унапредува кон задржување на младите во својата татковина.

Сите финансиски средства се доста значајни, како образовен и детски додаток, стипендија, семејна пензија, социјален стан, социјални-правни и здравствени услуги, додаток за студирање и т.н..

Не е исто кога сте самохран родител со просечна македонска плата или пак со минимална македонска плата. Р.С. Македонија треба да изготви закон којшто ќе биде во институционална корист и на двете страни се со цел мотивирање на овие лица својата иднина да ја креираат и градат тука.

Темата е доста специфична, истовремено и чувствителна. Колку да пишувам е малку, не сум експерт, не сум студент на родови и социјални студии, само сум млада личност од самохрано семејство кој има видено многу, повеќе од потребното, не знам што допрва би следело за да биде пострашно. Како и да е завршувам со силната волја и надеж, борбата за подобро утро и опстанок. Бидете поздравени и чувајте се до следниот пат!

*Станиша Станковиќ е ученик во четврта година во Општинско Средно Медицинско Училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола.