[Став] Што значи да се биде самохрано или еднородителско семејство, ДЕНЕС, во нашата земја?

Драга публико, според насловот можете отприлика да изградете сопствени перцепции за се она што ќе пишувам во овој текст. Можеби ви звучи познато, можеби ви звучи клише, па заради тоа случајно или намерно ќе сретнете одредени термини кои мислите дека ви се доволно јасни, но сепак ќе увидите работи кои не би требало да се случуваат во 2021 година, во 21 век. Ова не е нов научен или истражувачки труд, ова е судбината на многубројните самохрани родители и еднородителски семејни конструкции во Република Северна Македонија.

Јас сум Станиша Станковиќ, студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но истовремено дел од првата младинска организација за унапредување и заштита на децата и млади од семејства од самохран и еднородителски вид.  Вие не читате статија на уште еден експерт, специјалист по семејнологија, доктор на науки или пак тематски аналитичар. Вие читате некој кој поседува сопствено животно искуство,  кое сега веќе е поткрепено со подлабоко професионално ангажирање. Истото тоа занимање се претвори во активизам преку борба во еднаквост и рамноправност на самохраните и еднородителските семејства во нашата држава!

Статусот на самохраните родители и еднородителски семејства во нашата земја?

Ако направам ретроспектива во моите скоро 20 години, можам слободно да кажам дека се имам сретнато со милион препреки, затворени врати, дискриминаторски содржини, како и отсуство на голем број законски активности. Од каде да започнам, дали од самиот животен пат или од неиституционалната инклузија. За вас можеби звучи чудно што значи „дискриминаторски акт“, но, верувајте за нас младите, децата, како и семејствата од еднородителски вид е секојдневен одговор. Во Република Северна Македонија ДЕНЕС е речиси невозможно да се функционира како самохрано и еднородителско семејство.

Најпрво поради законската неусогласеност кога станува збор што значи самохрано, а што еднородителско семејство. Ние имаме дефиниција за самохрани родители која гласи: „Самохрано семејство односно самохран родител е родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето односно децата, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат, или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности“. Ова се однесува исклучително на самохраните родители и речиси секогаш се прави дискриминација кон разведените брачни парови и невенчаните родители. Освен што и самата јавност не е запознаена, така и нашиот систем не ги препознава. Во законска норматива треба да се внесе и дефиницијата за еднородителско семејство која гласи: „ Еднородителско семејство го дефинира семејство со еден родител кој се грижи за развојот и за подигнувањето на своето/ите дете/деца, кој живее без партнер и е во заедничко домаќинство со своето/своите деца. (пример, родителите од разведените бракови и невенчаните мајки)“.

Тука настапува прашањето – а зошто и овој вид семејство? Сведоци сме на голем дел животни судбини кога едниот родител не сноси одговорност за алиментација или едноставно не го прифаќа сопственото дете само заради тоа што не е во брак. Овие деца и млади немаат пред се родителска љубов, а потоа се разбира и финансиска сигурност. И да, тоа држава го „дозволува“ и „ќе го дозволува“, се додека нема законска позадина да се решат овие случаеви, заради тоа што од ден на ден се зголемува стапката на разведени.

Следните точки се однесуваат на механизми кои досега околу 30 години постоење независна и демократска земја требаше да ни се примарни услуги, но сепак и после тој голем временски период ние ги немаме и основните потреби.

  1. Закон за домување.

Голем дел од самохраните родителски семејства, но и од еднородителските живеат во станови под закуп. Државата се уште нема доволен број на социјални односно државни станови каде овие семејства би живееле безбедно, но и сигурно. Точно да ние имаме социјални згради, но тие се во многу мал број наспроти бројот на самохрани и еднородителски семејства што ги имаме во населението. Како добар потег, доколку како држава не можеме да им обезбедиме станбен простор, би требало да има паричен надоместок со цел елиминирање на основните недостатоци. Овој закон е од голема важна улога за овие семејства, како ранливи категории на граѓани и маргинализирани групи заради тоа што дури и тие самите се чувствуваат неудобно кога во сред зима треба да го напуштат станот во кои живееле. Ова се случува, ова е вистина, може не сте имале контакт, но ова е факт. Немам зборови со кои би ги опишал тие моменти на несигурност и загриженост.

  1. Закон за социјална заштита

Проблем е кога младите од самохрано семејства се родени надвор од брак, дете од еднородителско семејство во вонбрачна заедница. Кај нас постои една регулатива за „семејна пензија од родител“ кадешто ги опфаќа младите од самохрани семејства, но доколку нивниот родител е пишан во изводот на матични родени на детето односно и само доколку родителот има години на работен стаж, во тој случај детето прима негова семејна пензија ако е во образовен процес максимално до 26 годишна возраст. Но, тоа не е случај кога починатиот родител го нема признаено детето, или пак родителот е исчезнат и непознат, но дури и кога едниот родителот е во затвор повеќе од 3 години. Во овој случај децата и младите од самохрани семејства при ваков горенаведен пример, остануваат без дополнителна финансиска поддршка и помош со што дополнително го отежнува процесот на задоволување на основните материјални потреби за живот. Тука како „заштитник“ треба да се јави државата која би имале вакви регулирани правила со што и овие деца и млади би добиле некаков надоместок. Па и со вклучување на на деца и млади од разведени бракови и невенчани родители, кога постои пракса на неплаќање алиментација или некаков друг паричен сегмент. Со ова ќе се дојде ем до еднаквост – сите да бидат опфатени, но и до рамноправност – сите да добијат според одредени критериуми во зависност од целата финансиска слика на семејство.

*Како пример би можел да се наведам себе си, мојот починат родител не е заведен во извод на матични родени и доколку би сакал да докажам дека таа личност ми е родител, морам да одам преку трошоци по приватни постапки кои изнесуваат доста скапо за стандард од самохрани и еднородителски семејства.

– Единствена поволност имаат самохраните родители каде имаат право на бесплатна градинка, но ова не важи за еднородителските семејства, особено во семејства каде само едниот родител се грижи за детето или децата, а другиот се оградува од обврска.

  1. Закон за образование

Ние немаме правен механизам за дополнителна финансиска помош доколку дете од самохрано или еднородителско семество посетува било кој вид и степен на образование и да добива некаква паричен износ. Тоа се случува дури во средно образование, и тоа овие видови на ученици ја добиваат НАЈМАЛАТА ПАРИЧНА ПОДДРШКА за изучување во средното училиште. Основно и средно училиште во нашата земја се задолжителни, но нашата држава не помага со парични средства или пак со училишен прибор, ранец, материјали за училиште, облека и слично.

Што се однесува во делот на високото образование, повторно тука овие младите се во најниската категорија за стипендија со најмала вредност. Единствена олеснителна околност е тоа што плаќаат само половина од партиципацијата на државен факултет. Но дури и ова нема законска позадина и точна утврдени критериуми. Воедно морам да напоменам имаат дека имаат одреден предиспозиционен аспект кога се работи за примен во ученичките и студентските домови (но, сепак има одредени бариери со кои дури ни ова право не го исполнуваат).

* Многу е тешко кога некое дете или млад студент од ваков тип на семејство кое сака да се образува, да биде самостоен, да биде успешен човек МОРА да го прекине своето образование само заради тоа што ние немаме дополнителни ресурси за нивна инклузија, пристап и еднаквост! Не смееме да дозволиме само заради тоа што нашиот систем што не функционира да имаме ограничување на во развојот на овие деца и млади.

      4. Закон за здравствена заштита

Не постои ниту еден закон каде овие видови на семејства се ослободени од некаков вид на здравствена партиципација при лекување во нашата земја. Сите тие си плаќаат како и останатите луѓе коишто се здравствено осигурани. Честопати гледаме повици и апели од родителите за спас на нивните деца преку социјалните мрежи. Ова е голготата на сите болни деца и млади од вакви семејства, каде не можат да си ги покријат ниту основните здравствени лекови, да не зборуваме за посериозни медицински зафати и барања. Тешко е кога еден родител којшто е сам, не може да си го спаси или помогне на сопственото дете.

  1. Закон за правда и правен пристап

Со сигурност можам да кажам дека најдобрата идеја и имплементација на истата е законот за бесплатна правна помош и постапка. Ова го олеснува пристапот до правни услуги, правни барања, правни постапки, заштита од дискриминација и слично. Со неколку збора, со оваа помош, маргинализираните и ранливите групи на граѓани би добиле фер плеј кон искористување на основните човекови права и добивка од правни активности.

  1. Недостасува психолошко советување кон овие групи на граѓани

И како индивидуа, но и како млада организација секојдневно се сретнуваме со самохрани родители, разведени личности, деца и млади од оваа категорија на граѓани каде се соочуваат со анксиозност, депресија, напнатост, негативни аргументи, страв, намалена желба за живот, па дури и суицидни мисли. Ова се случува заради тоа што нашата држава нема целосен пристап до бесплатна психолошка помош, или пак има ама бројот на пристапни услуги е сосема мал. Со мое лично искуство, како и со искуство на организацијата се водиме преку неформален пристап, а тоа се најчесто соработки со невладини организации или психолози-волонтери коишто самите пројавуваат интерес и волја за помагање во одредени тешки животни мигови и ненадминливи моменти. Ве охрабрувам доколку припаѓате на било каков тип на семејство, ранлива група на граѓани, или млада особа која има потешкотии во менталното здравје, веднаш да контактирајте ме, со цел да ве насочам кон нашите соработници. Нема ништо подобро во животот кога нашите мисли се средени, позитивни и „чекорат по патот кон целта“. Менталното здравје нема цена! Реагирајте секогаш кога ќе имате кризна потреба. 

  1. Воспоставување на континуиран воспитно-едукативен процес

Честопати се сретнувам со родители, па и со нивни деца каде недостатокот на информации, недоволното образовно знаење, ниското ниво на едукативна писменост ги доведува во замка на лажни вести и манипулирање. Самохраните родители и еднородителските семејства со цел да обезбедат подобар животен стандард се изиграни од страната на одредени „манипуланти“ при аплицирање за работа, јавна услуга, дополнителна заработка, совети од економски, здравствен и општествен аспект. За жал, ова е повторува до ден денес. Мораме и како активисти, но и како држава да се обезбеди континуирана едукација за општествени и животни теми со цел зајакнување на писменост и справување со предизвици на овие видови на семејства.

Преквалификација или доквалификација – овие термини се доволно познати, но и понатаму остануваат неискористени. Свесни сме дека Република Северна Македонија иако има стапка на невработеност, постои стапка од недостиг на стручен кадар. Самохраните родители и еднородителските типови се „мета“ на секојдневна тортура и давање отказ од работа. Оваа мерка ќе помогне на сите заинтересирани да се надоградат, доедуцираат, да започнат нешто ново, непознато и да стекнат вештини со што би можеле полесно да се регрутираат на пазарот на трудот и со тоа да обезбедат финансиска заштита за своето семејство и подмирување на основните животни потреби. Со ова го решаваме проблемот со стапката на невработеност, но и дефицитот на одредени стручни кадри и работни места.

  1. Национален регистар за самохрани родители и еднородителки семејства

Нашата Република, за жал се уште нема регистар за овие категории на граѓани, а со тоа ниту има доволен број на информации колку млади потекнуваат од ваков тип на семејство. Ова го отежнува процесот на достапност до нив. Освен што немаме приближна бројка, не сме сигурни колку овие родители и млади ги знаат барем основните бенефиции што оваа држава ги дава.

  1. Бенефиции и попусти од јавен тип со цел елиминирање на дополнителни трошоци

Попусти и бонуси за овие семејства речиси и да не постојат, зборуваме за работи кои би требало да се случуваат во една рамноправна, еднаква и демократска држава. Мојата замислена земја е она што ќе обезбедува: финансиска намалување при основни трошоци за живот како струја, вода, телевизија и слично. Потоа бесплатен јавен градски превоз, попуст при користење на јавен меѓуградски превоз, попуст при посета на државни институции и објекти коишто се наплаќа одредена сума на влезница како: кино, театри, музеи и слично. Обезбедување на бесплатни курсеви по: странски јазик, природно-математички предмети, општествени науки, рекреативни и физички активности. Но, ова беше само мојата замислена земја, но не и вистинската.

Овде ќе застанам, односно време е да завршам со пишување, а државниот системот време е да започне кон понатамошна надоградба и донесување на реални и суштински закони. Можеби ви се чини многу, можеби малку или пак веќе немате дополнителен коментар. Овие работи погоре-наведени се „имплементираат“ секојдневно, секој час, секоја минута. Освен државна заштита и покритие, нас, односно вашите блиски, роднини, пријатели или комшии од самохрани и еднородителски семејства им треба разбирање и прифаќање од страна од вас народот.

Свесен сум, а и вие сте доволно свесни дека работите не се менуваат преку ноќ, дека нема ништо без труд и упорност. Јас, но и сите ние како група должни сме пред се самите на себе, а потоа и на сите идни членови, да им обезбедиме достоинствен живот со задоволени основни човекови потреби. За крај, ова што мене или нас ни се случува можеби е една мисија која мораме да ја завршиме чесно и одговорно со високи резултати. Нема да завршам со некоја поучна мисла или изрека, само ќе ви посакам да верува во себе, зошто и чуда се возможни. Бидете ми поздравени и чувајте се, до следно видување!

Станиша Станковиќ