Стапалките од Ново Мексико се најстар доказ за населувањето на Америка, покажува студија

Нова студија покажува дека човечките стапалки најдени во Њу Мексико (Ново Мексико) најверојатно се најстариот директен доказ за човечко присуство во Америка, пренесува „Гардијан“.

Стапалките биле откриени на раб на езеро во американскиот Национален парк „Вајт Сендс“, а датираат од пред 21.000 до 23.000 години, се вели во објавата во научното списание „Сајанс“.

Староста на стапалките е во судир со претходното мислење дека Америка била населена пред околу 15.000 години.

„Темата отсекогаш била контроверзна затоа што е толку значајна – се работи за тоа како го разбираме светот во кој што живееме“, изјавил Томас Урбан, археолошки научник од Универзитетот Корнел.

Томас Стафорд, независен археолошки геолог во Албакерки, Ново Мексико, кој не бил вклучен во студијата, посочил дека „порано бил малку скептичен“, но сега е убеден во новите докази.

Во рамки на студијата, биле изолирани 75.000 зрна полен од местото каде што биле пронајдени стапалките со цел да се утврди нивната старост.