„Директна опасност од уништување на културното наследство“ – Археолозите на протест поради предложените законски измени

Македонското археолошко друштво и претставници на ИКОМОС Македонија денеска на протест пред Собранието го искажаа својот револт поради пакетот законски измени кои се на дневен ред по скратена постапка за олеснување на работата на компанијата „Бехтел и Енка“ која треба да ги гради автопатите од коридорите 8 и 10д.

Археолозите протестираа конкретно за измените во Законот за заштита на културното наследство, за кои велат дека ако се изгласаат ќе овозможат „легално уништување на културното наследство во земјата“.

Она што е контроверзно во предложените законски измени е што се додава нов став во членот 65 со кој доколку при градење на овие автопати биде пронајден предмет од археолошко значење, изведувачот за тоа ќе треба да го извести само надзорниот инженер, а не како досега, откритието да биде пријавено до надлежната јавна установа за заштита, или до полицијата.

„Со ваквата предложена измена и дополнување на овој член од Законот за заштита на културното наследство, се овозможува исклучување и дерогирање на компетентните стручни и надлежни инстанци за заштита на културното наследство, односно на институциите од системот за заштита кои се специјализирани, квалификувани и одговорни да преземаат мерки за заштита на наследството. Во нивна „замена“, како досега нечуен преседан, се предвидува овие надлежности да му бидат доверени на надзорен инженер, кој ја нема потребната стручност ни знаење да идентификува дали се работи за случајни откритија кои претставуваат археолошки наоди, ниту да постапува на стручен начин со истите, ниту да примени соодветни стандарди за нивна заштита. Со ова, основано сме загрижени дека доколку се прифати ваквиот предлог-закон за измена на член 65 од Законот за заштита на културното наследство, културното наследство ќе биде изложено на директна опасност од уништување и негово трајно губење“, велат од ИКОМОС Македонија во нивното соопштение до јавноста.

Оттаму тврдат дека предлог-законот е спротивен на Уставот, кој гарантира посебна заштита на културното наследство, како и на сите меѓународни конвенции за заштита на културното наследство.

Од ИКОМОС Македонија велат и дека за нив се загрижувачки објаснувањата за носење на овие законски измени, во кои се вели дека целта е да се превенираат потешкотиите при имплементацијата на инфраструктурните проекти Коридор 8 и Коридор 10д.

„Културното наследство е развојна компонента во една земја, а не пречка или проблематична обврска. Меѓутоа, развојот и планираните развојни проекти мораат да бидат одржливи и во ниту еден случај не смеат да ги загрозат вредностите кои им припаѓаат на заедниците и на сите граѓани, туку напротив – да ги нагласат и да ја препознаат нивната развојна компонента. Како граѓани сме свесни за потребите од инфраструктурен развој на нашата земја, но не по цена на губење на една од најсилните вредности кои ја имаме како нација – културното наследство“, додаваат оттаму.

Експертите нагласуваат до Владата и до изведувачите на патните правци дека ќе мора да ги почитуваат постојните законски одредби и да добијат мислења за археолошки истражувања на евидентираните локалитети кои се наоѓаат на трасите на предвидените коридори, како и континуиран археолошки надзор во текот на имплементацијата на проектите.

„Исто така, а особено за делницата на автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, која се наоѓа во рамките на заштитеното добро Охридски регион кој е светско природно и културно наследство на УНЕСКО, инвеститорот и изведувачот уште во самата фаза на планирање на трасите со партиципативен пристап и во тесна соработка со надлежните инстанци за заштита, ќе мораат да изготват Студија за влијание врз културното наследство која мора да биде доставена на претходно разгледување до УНЕСКО и неговите советодавни тела, меѓу кои и нашата матична организација ИКОМОС. Ова е утврдено со Оперативниот водич на Конвенцијата за светско културно и природно наследство на УНЕСКО, како и со „Законот за управување со Охридскиот регион на светско културно и природно наследство“ и Планот за управување со ова културно добро“, посочуваат оттаму.

Од ИКОМОС Македонија бараат итно повлекување на предложените измени на Законот за заштита на културното наследство, а доколку нивните укажувања не се испочитуваат, и предлог-законот се стави на собраниска расправа, апелираат до пратениците во Собранието да гласаат против.