ССНМ се солидаризира со цивилите, новинарите и медиумските работници во Газа и бара македонските институции да реагираат

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) испраќа отворено писмо до претседателот на Владата, министерот за надворешни работи, пратениците во Собранието, како што велат, во момент кога светот сведочи една од најголемите хуманитарни катастрофи.

„ССНМ се солидаризира со цивилите во Газа, како и со своите колеги и колешки – новинари и медиумски работници, кои и покрај страшните услови се обидуваат да ја работат својата работа и покрај тоа што секојдневно умираат за што изостанува одлучна реакција на светската јавност. Македонија за жал покажа воздржаност која не треба да е својствена за една социјална и чесна држава која и самата се бори за почитување на човековите права на своите граѓани“, истакнуваат тие.

Тие бараат надлежните државни институции да ги искористат сите свои дипломатски инструменти, да реагираат и да помогнат во спречување на хуманитарната катастрофа од незапамтени размери што во минатите година и половина се случуваат во Газа.

„Како новинарска организација сметаме дека РС Македонија не треба да остане нема на геноцидот и на прикривањето на вистината за злосторствата особено што најмалку 187 новинари во регионот на Газа до овој миг загинаа, а целиот простор станува затворен за медиумите кои треба да ја пренесат вистината за страдањето на огромен број на цивили. Тие известувачи што преживеале се до степен на физички колапс што не им овозможува да ја извршуваат својата задача – да пренесуваат слика и информации од местото на незапаметената хуманитарна катастрофа. Во исто време Израел забранува и влез на странски новинари што дополнително ја замаглува претставата за тоа што се случува во подрачјето на Газа“, посочуваат од ССНМ во писмото.

Исто така, оттаму бараат Македонија јавно и формално да ја поддржи суспензијата на договорот меѓу ЕУ и Израел, итна евакуација на оние кои се во непосредна опасност по нивните животи, меѓународни барања за дозвола на странски новинари за пристап до Појасот Газа, заштита на локалните новинари и приклучување кон повиците за меѓународна истрага за систематското гладување како воено злосторство.

ССНМ со ова се приклучува и на реакцијата на ИФЈ (Меѓународната федерација на новинари) и ЕФЈ (Европската федерација на новинари), но и многу други национални новинарски синдикати и асоцијации кои веќе испратија апел до Европската унија и до националните власти барајќи ЕУ да го ревидира својот став кон Израел.

ССНМ ги поттикнува македонските власти да се вклучат во општата светска реакција и да помогнат во спречување на военото злосторство на почетокот на 21 век.