Истражување: 37% од новинарите примиле закани при работењето

Новинарите и медиумските работници се наоѓаат во исклучително неповолна социо-економска положба и половина од нив размислуваат да ја напуштат професијата. Новинарите и медиумските работници својата професија ја доживуваат како сигурносно ризична и стресна, а дополнителен висок ризик во нивната работа се и психолошкиот замор и стрес. Нешто повеќе од една третина, односно 37 отсто од испитаниците, потврдиле дека примиле закани при работењето, од кои 36 отсто добиле закани посредно.

Ова се дел од добиените резултати од публикацијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумскии работници (ССНМ) со наслов „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“.

Од ССНМ велат дека истражувањето ја потврдува лошата социо-економска положба на новинарите и на медиумските работници, потребата од подобрувања во работничките права, синдикалното организирање и безбедноста, како и неопходноста од дополнителни мерки и активности за унапредување на родовата еднаквост во медиумите.

„Новинарите и медиумските работници најчесто добиваат закани на социјалните мрежи, а најчести извори на закани се сопствениците на медиуми и уредниците, публиката (читателите, гледачите), бизнис-заедницата, власта и политичарите, како и полицијата. Главни причини на непријавување на заканите се: недовербата во судството, полицијата и обвинителството, а дел од нив и поради чувството на страв и несигурност“, се дел од заклучоците од истражувањето.

Понатаму, со публикацијата е потенцирано дека новите дигитални платформи за јавно информирање, покрај позитивните аспекти, донесоа дополнителни притисоци врз новинарите и медиумските работници, како што се проширување на работното време и изложеност на онлајн-закани и напади.

Речиси една третина од испитаниците повремено добиваат барања за извршување работни задолженија надвор од работното време, а повеќе од една третина потврдиле дека работат над 40 часови неделно.

„Родово сензитивниот пристап не е целосно интегриран во работата на редакциите, во голем број медиуми нема внатрешни политики и процедури за вградување на родовата димензија и се потврдува потребата од дополнителни мерки, обуки и едукација на оваа тема“, велат од ССНМ.

Од таму ја нагласуваат потребата за засилени активности на медиумите (сопствениците, менаџментот) за подобрување на социо-економската положба на новинарите и на медиумските работници, во форма на различни социјални мерки, бенефиции, исплати на прекувремената работа, осигурувања од ризик, како и фондови за подобрување на стандардот на вработените во медиумите.

„Особено важно е да се засили поддршката за безбедноста на вработените во медиумите, преку подготовка на информативни материјали, истражувачки студии на поспецифични случаи, тренинзи, обезбедување опрема, како и креирање и спроведување“, посочуваат од ССНМ.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави и Норвешкото министерство за надворешни работи.