ССНМ и ЗНМ го осудуваат однесувањето на владините претставници кон новинарите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро го осудуваат односот на премиерот Димитар Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи кон колегата од Алфа ТВ, Матеја Петровски.

„Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на денешниот настан“, се вели во соопштението на ССНМ.

Станува збор за новинарско прашање упатено до премиерот Ковачевски во врска со претстојните претседателски и парламентарни избори за тоа дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ. Како што информира ССНМ, по поставеното прашање вицепремиерот Битиќи го напуштил пресот, а премиерот Ковачевски истакнал дека прашањето било апсолутно некоректно.

ССНМ и ЗНМ предупредуваат дека овој начин на комуникација мора да запре затоа што новинарските прашања се професионална задача на репортерите, а одговорите се обврска на избраните функционери кои им ги должат на граѓаните.