ССНМ очекува институционална акција за нападите врз Метаморфозис

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со огорченост ги проследи објавите на социјалните мрежи од последниот период во кои, како што велат, низ дезинформациска кампања со масовно споделување на клевети, навреди и говор на омраза, оркестрирано ја напаѓаат Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис.

Во неа, тие додаваат дека се таргетираат сегашните и поранешните вработени кои со тоа се изложени на сериозен ризик и закани по личната безбедност.

„ССНМ смета дека системските напади се загрижувачки бидејќи се континуирани, а како тие не се процесуираат постои опасност од нивно повторување што ќе ја усложни улогата на Метаморфозис и сличните организации во своите активности. Фондацијата за интернет и општество подолг период и тоа многу успешно, јасно и недвосмислено ги разоткрива, па и ги нагласува лажните вести и дезинформации што очигледно им пречи на групи и поединци. Очекуваме и повикуваме на итна и бескомпромисна институционална акција на надлежните затоа што ваквите подли напади освен што се однесуваат на нашите колеги, во исто време го подриваат целокупниот квалитет на новинарската професија“, посочуваат од ССНМ.

Оттаму предупредија дека овие форми на пресметки со докажани професионалци најмногу се случуваат во онлајн просторот, и дека токму интернетот е локацијата каде што заканите врз новинарите, опструкциите и најразновидните дискриминации се најприсутни. И затоа тие сметаат дека ваквите клеветнички постапки треба да бидат „сосечени“ во корен.