ССМ со реакција за предлог-законот со кој се регулираат платите во јавниот сектор

Од Сојузот на синдикати на Македонија упатија реакција за предлог-законот со кој ќе се регулираат платите во јавниот сектор.

Оттаму велат дека Сојузот во ниту еден момент не бил вклучен, ниту информиран за подготовката предлог-законот.

„Според првичниот увид во текстот сметаме дека со истиот се намалуваат правата на работниците во делот за платите и се елиминира можноста за уредување на оваа материја со колективните договори со што значително ќе се влијае на укинување на колективните договори во јавен сектор во кои се уредени системот на плати и нивната исплата, а за што ССМ изнинатиот период предупредуваше“, велат од Сојузот на синдикати.

Од таму потенцираат на условот во предлог-законот според кој исплатата на дополнителната компонента на платата и надоместоците на плата зависи од тоа дали се предвидени средства во буџетот, а дополнуваат дека вредноста на бодот за ниво на работно место ја утврдува Собранието на предлог на Владата, односно Собранието на државата на предлог на Владата го утврдува коефициентот за максимален износ на плати во различни платни потсистеми.

„Она што загрижува е дека платите дополнително ќе се намалуваат доколку работникот користи годишен одмор што е уставно загарантирано право и за време на користење на годишен одмор вработените имаат право на плата во висина на нивната основна плата, а за време на привремена неспособност за работа надомест на плата во висина од 80 % од основната плата“, дополуваат од ССНМ.

Од Сојузот истакнуваат дека во предлог-законот е предвидена максимална надлежност на државните органи во регулирањето без социјален дијалог и активно учество на ЕСС и синдикатите како претставници на работниците со што се крши Конвенцијата за правата на работниците во јавниот сектор.

Дополнително од Сојузот нагласуваат дека со ваквото однесување не се почитуваат и меѓународните документи и принципи за активен социјален дијалог и право на колективно договарање на вработените во јавниот сектор.

Од ССНМ бараат повлекување на предлог-законот, за тој да биде доработен во консултации со претставниците на работниците синдикатите и експерти од Меѓународната организација на труд преку инклузивен процес.