ССМ: Работодавачите од приватниот сектор и јавниот сектор да исплатат регрес за годишен одмор

Исплатата на регресот за годишен одмор во приватниот сектор е воспоставена со ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството и истата е задолжителна за работниците и работодавачите од приватниот сектор, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

„Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите– ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле. Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач“, соопштува ССМ.

Основицата за пресметување на надоместоците на работниците, велат тие, преставува просечната месечна нето плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци.

„Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата“, се вели во соопштението.

На барање на ССМ,  Владата прифати, велат тие, а работодавачите добија поголемо даночно ослободување при исплата на регрес за годишен одмор, а со таквото даночно ослободување до 80% од просечната плата, е надмината  пречката работодавачите да исплаќаат и повисок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот во висина од 40%.

„Во голем дел на компании каде што синдикатите здружени во ССМ имаат синдикални организации, работодавачите веќе исплаќаат регрес за годишен одмор во висина и од 100% од основницата. Истовремено, Сојузот на синдикатите на Македонија на 29.07.2021 година до Владата достави предлог Општ колективен договор за јавниот сектор во кој покрај другото предложи и – Регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата за сите вработени во јавниот сектор, а очекуваме Општиот колективен договор да биде потпишан веднаш по завршување на локалните избори со што ќе исправиме и една голема неправда спрема работниците во јавниот сектор“, се вели во соопштението.

Апелираат до работодавачите во приватниот и во јавниот сектор каде што ова работничко право е уредено со колективен договор да го исполнат истото во најскоро време, имајќи во предвид дека нема никакви законски ограничувања и истото претставува уредено право согласно со Закон и Колективен договор и претставува редовна исплата.

„На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права“, соопштува ССМ.