ССМ бара итни мерки за спречување на растот на цените

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелира и бара што побрзо да се донесат мерки со кои ќе се спречи зголемувањето на цените на производите, по примерот на некои соседни држави, со кои ќе се заштити животниот стандард на работниците и граѓаните.

Дополнително, тие велат дека се загрижени поради можните последици кои ќе произлезат од светската енергетска криза која е се поактуелна и по извесна, како и од веќе зголемените цени на основните прехранбени производи.

„ССМ бара од Владата да не се дозволи енормно зголемување на цената не електричната енергија за домаќинствата, истата да биде контролирана и регулирана на одржливо ниво , при тоа да се прошири опфатот на лица, ранливи категории на потрошувачи на електрична енергија не само на семејства корисници на постојана социјална помош, туку и на пензионерите со најниски пензии, семејствата со минимална плата, семејствата кои немаат вработен член, самохрани родители со ниски примања и сл“, бараат тие.

Оттаму велат дека први на удар ќе бидат најсиромашните слоеви на работници и граѓани, а енормното зголемување на цената на електричната енергија, велат дека дополнително ќе ги зголеми цените и на егзистенцијалните производи.

„ССМ оправдано и постојано во изминатиот период бара и укажува дека минималната плата не треба да биде под 60% од просечната плата или истата да изнесува најмалку 18.000 денари и да се предвиди решение со кои и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата“, додаваат оттаму.