Во средното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово вчера се одржа работилница за подигнување на свеста кај средношколците за ризиците поврзани со консумацијата на енергетски пијалоци. Настанот бил организираан како дел од Програмата за заштита на потрошувачи, креирана од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пренесува агенцијата Мета.мк.
Стручни лица од АХВ, државниот советник за храна Светлана Колариќ, Жанета Мијоска, в.д. раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло и Никола Савовски, в.д. раководител на Секторот за проценка и комуникација за ризик, го воделе настанот и на кој имало дискусија меѓу учениците.
Тие зборувале за лесната достапност на енергетските пијалоци, за нивната масовна консумација како замена за сокови, како и за ризиците од мешање со алкохол. Стручните лица посочија дека во изминатите 10 години евидентирано значително зголемување на увозот и потрошувачката на енергетски пијалоци во земјата, посебно меѓу лица под 18 години. Енергетските пијалоци содржат различни количини на кофеин, таурин, гуарана, амино киселини, витамини и шеќер, а младите често ги перцепираат како средство за зголемување на издржливоста, концентрацијата и физичките перформанси.
Според научните истражувања, овие пијалоци се забранети за консумација кај деца до 18 години, бремени жени и доилки. Покрај тоа, консумацијата на енергетски пијалоци може да предизвика краткорочни ефекти како будност, зголемено често уринирање, покачена телесна температура, забрзано срце и стимуланција на нервниот систем. Меѓу можните негативни последици се несоница, нервоза, главоболки, гадење, повраќање, забрзано отчукување на срцето, а во екстремни случаи дури и смрт.



