Бојкотот продолжува во неколку градови, средношколците бараат средба со МОН

Средношколците во неколку градови и денеска го продолжија бојкотот на формалната настава. Преку алтернативни активности тие ги бојкотираат делумно или целосно двете смени во средните училишта и велат дека ќе продолжат додека министерот за образование Абдилаќим Адеми не излезе со официјална покана за средба.

Нивните барања се да се врати стариот концепт на матура, укинување на електронското полагање и ставање на законот за екстерното тестирање во мирување.

Бојкот на средношколците во Скопје

Во Скопје, бојкотот денеска се одвива во неколку средни училишта преку спортски активности, работилници и воннаставни предавања. Средношколци за Радио МОФ велат дека притисоци немало денеска, но подготвени се да бојкотираат додека законската рамка го одобрува тоа, а тоа се 25 дена.

„Револтирани сме од игнорантскиот однос на Министерството за образование и наука, но се надеваме дека ќе се одржи средба на која ќе најдеме заеднички јазик со цел да се постигне подобар квалитет во средното образование“, велат за Радио МОФ од Средношколскиот пленум во Скопје.

Освен во скопските училишта, бојкот се одвива и во Тетово, Куманово, Струмица, Охрид, а од денеска и во Битола.

Според Пленумот во Битола, настава се бојкотира во средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ и Горната гимназија. Засега, бојкотот се одвива во најдобар ред, но велат дека има и притисоци.

Бојкот на средношколците во Битола

„Притисоци има, во средното техничко училиште дојде полиција и бараше кој е организатор. Од некои наставници пак, имаме поддршка, но од директорите немаме“, велат од Средношколскиот пленум во Битола.

Тие се решителни во нивната намера да бојкотираат додека не бидат исполнети барањата и сметаат дека ако треба со некој да се разговара, тоа е Пленумот, а не Унијата која, според нив, е нелигитимен претставник на средношколците.

Средношколците во Куманово пак, велат дека бојкотот продолжил во четири средни училишта. Тие денеска поставија штандови пред средните училишта и преку петиција ги повикаа граѓаните да се потпишат и да им дадат поддршка за исполнување на нивните барања. Како што информираат, досега се потпишале 500 граѓани.

Куманово

„Притисоци досега немаме, но слушнавме дека имало понуди за некакви решенија од стручниот персонал и директорите. Односно, да се посетува наставата, но со скратени часови. Сепак, тоа не ни оди во прилог. Ние продолжуваме додека не добиеме официјална покана од Министерството за образование и наука“, велат од Пленумот во Куманово.

Во Тетово, како што дознаваме, бојкотот продолжи во средното економско училиште „8 септември“ и гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

Охридските средношколци го продолжија бојкотот во гимназијата „Климент Охридски“ и во средното економско училиште, со тоа што во гимназијата наставата ја бојкотираат учениците од трета и четврта година, а во економското училиште бојкотираат сите четири генерации.

Во однос на притисоците, денеска со свои соопштенија излегоа Хелсиншкиот комитет за човекови права и НВО Инфоцентарот. Тие ги осудија притисоците врз средношколците, кои според нив, го загрозуваат правото на децата на мирен собир и побараа веднаш да претстанат.

Пленумот претходно објави интерактивна мапа на која се одбележани средните училишта во кои се одвива бојкот. Според мапата, бојкотираат повеќе од 18 000 средношколци.