Средношколците поднесоа претставки до Народниот правобранител за притисоците

Средношколците кои минатата недела маршираа против образовните реформи поднесоа претставки до Народниот правобранител за притисоците и заканите што ги добивале од наставниците и директорите на училиштата.

Од Средношколски пленум велат дека поднеле две претставки, една за попречување да излезат на протест, а втората за притисоците што се појавиле по маршот.

„Поднесовме до Народниот правобранител две претставки анонимно, без да наведиме имиња. Досега единствен одговор што го добивме е само дека претставките се заверени во архива. Вечерва ќе имаме Генерален пленум, на кој ќе одлучиме што понатаму со нашите активности доколку не бидат прифатени нашите барања“, велат од Средношколски пленум за Радио МОФ.

Народниот правобранител Иџет Мемети изјави вчера дека средношколците ги доставиле претставките анонимно, бидејќи се плашеле.

„Бидејќи се работи за група, ние ќе ги третираме. Ќе почнеме истрага и ќе видиме дали ќе ги констатираме овие проблеми со кои се соочуваат, односно овие притисоци и казни“.

Тој посочи дека новите законски решенија во образованието мора да се носат заедно со најзасегнатите, односно учениците и професорите.

„Бесмислени би биле реформите ако сите чинители, оние кои се засегнати не бидат вклучени во тој процес. Не може да се замисли крупна реформа на образовен систем без голема вклученост на актерите, затоа што законите што се носат, не само во Македонија, се носат без целото опкружување, на многу нетранспарентен брз начин. Тоа создава проблеми, а целта не е да се создаваат проблеми туку да се решаваат и да одиме кон подобро“, изјави Мемети.

Средношколците пред и за време на маршот јавуваа за притисоци, заклучени врати, одземени мобилни телефони. Средношколскиот пленум објави и видео материјал како доказ за притисоците од раководството на училиштата.

Пријави со наводи за закани средношколците доставија и до Хелсиншкиот комитет, кој потсети дека ваквите притисоци врз средношколците се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на сите меѓународни стандарди за заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест.

Стотици средношколци излегоа на првиот протест за оваа учебна година, за да ги потсетат надлежните дека средношколските барања остануваат исти, како укинувањето на екстерното тестирање, задржување на стариот концепт на полагање државна матура и вклучување на Средношколскиот пленум во работата на новиот концепт.