Заклучени врати пред средношколскиот марш – Учениците се упатуваат кон МОН

Неколку стотици средношколци, поддржани од студенти, наставници и професори излегоа на Средношколскиот марш против лошите образовни реформи.,но и за да ги потсетат надлежните дека и учениците треба да бидат вклучени во процесите на носење законски измени во образованието.

Како што најавија од Средношколски пленум, на маршот учествуваат речиси сите средни училишта од Скопје. Тие јавуваат за притисоци во повеќе училишта, меѓу кои и гимназаијата „Јосип Броз Тито“ чија врата велат дека останала заклучена за време на одморот, кога дел од учениците сакале да заминат на протест во парк. За заклучени врати јавуваат и ученици од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, од градежното „Здравко Цветковски“…

„Доста притисоци имаше и денеска, како непуштање да одат на маршот, сакани за ставање неоправдани во дневник, скоро секое училиште се соочува со некаков вид притисок. И вчера имаше посочување на одредени ученици дека ќе бидат избркани, дека ќе им се намали поведение. Би сакале да не сослушаат и да ги разгледаат нашите барања што се веќе испратени до министерството, како и да дадат некаков одговор, но и да не вклучат во изнаоѓање заеднички решенија“, изјавија пред маршот од Средношколски пленум за Радио МОФ.

Средношколецот Никола Крстевски, дел од пленумот, пак потсети на барањата на движењето.

„Барањата остануваат исти бидејќи екстерното тестирање има голем број аномалии  да се укине, полагањето државна матура да остане иста, преговарачкиот тим на пленумот да биде вклучен. Единствената средба досега беше минатата година кога имаше камп пред МОН. Министерот најави средба, но средба не видовме. Затоа ќе ги потсетиме пред МОН“.

Рутата на денешниот марш е од Градскиот парк во Скопје, кон Владата , па се до зградата каде е сместено Министерството за образование и наука.