Радикализација на протестите, ако МОН не ги прифати средношколските барања

Бојкот на настава и камп пред вратите на Министерството за образование и наука и оваа година ако надлежните институции не ги сослушаат и прифатат барањата на средношколците, најави Средношколскиот пленум на денешниот марш против лошите образовни реформи.

„Доста беше молк“, „Екстерно за Владата“, „Нема правда нема мир“, извикуваа стотици средношколци на првиот протест за оваа учебна година. Тие маршираа од Градскиот парк, кон Владата, за протестот да заврши пред МОН. Таму ги потсетија надлежните дека средношколските барања остануваат исти, како укинувањето на екстерното тестирање, задржување на стариот концепт на полагање државна матура и вклучување на Средношколскиот пленум во работата на новиот концепт.

И покрај скандирањата пред МОН, никој не се одзва на нивните повици.  Иако уште во јули, министерот за образование Абдилаќим Адеми најави дека новиот концепт на државна матура ќе биде готов до септември, а во август ќе бидат свикани сите засегнати страни, пленумци велат дека досега никој не ги контактирал.

[Галерија+Видео] Средношколците маршираат низ Скопје

„Ќе протестираме се до средба и разумно решение. Од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието  досега нема никаков обид за контакт со членови на Пленумот. Ние сме отворени за средба, но чекаме реакција“, изјави средношколецот Никола Крстевски од Средношколскиот пленум.

Тој информираше дека на ученици од скопските гимназии денеска им биле заклучени вратите и одземени мобилните телефони, за да не присуствуваат на маршот.

Средношколката Мила Басарова во својот говор пред МОН им се заблагодари на надлежните во МОН, бидејќи како што рече, им помогнале да ја научат лекцијата за издржливост, нешто што не успеале да го научат од „бесплатните, парталави учебници“.

„Сега сме под вашиот прозорец бидејќи нашите училишта сакаат да имаат подобро образование бидејќи поради вашите експерименти тоа право ние ускратено. Горди сме што го кренавме гласот против вашите измислици. Фала што од нас направивте борбени луѓе и што ни кажавте дека светот останува на нас младите,“ изјави Басаровска.

Поддршка на маршот средношколците добија од Студентскиот пленум и дел од нивните професори. Меѓу присутните беше професорот Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов“, кој со огромни овации беше пречекан за својот говор со кој се обрати пред нив.

„ Вие сте надеж дека во Македонија има шанси за демократијата. Ние вашите наставници, вашите водители, кои ја закашкавме целата работа молчејќи и наведнувајќи глави ве доведовме до оваа ситуација и сега пак ве оставаме сами. Наместо да дојдат и да ве прашаат кои се проблемите, наместо нас наставниците да не прашаат како да се подобри образованието, се молчеше. Овие реформи се само форма, празни како главите на овие во зградата“, рече тој.

Причина за реактивирање на средношколските протести е игнорантскиот однос на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, кои веќе две недели не даваат одговор на писмото со барања доставено до нив.

#СредношколскиПленум

Проблемите при спроведување на екстерното тестирање и најавите за воведување нов концепт за полагање државна матура, во кој меѓу останатите промени беше предвидено математиката да биде задолжителен предмет, беа повод во текот на минатата учебна година голем број средношколци да излезат на протести низ десетина градови во земјава. Организирани во пленум, голем дел од учениците пет седмици ја бојкотираа наставата во второто полугодие и две недели во импровизиран камп пред МОН во обид да ги натераат надлежните да го слушнат и мислењето на учениците.

На ова од МОН одговорија со делумно повлекување од реформите, при што полагањето на државната матурa ланската учебна година се спроведе по стариот концепт, но останаа најавите дека ќе има измени во полагањето за новата генерација матуранти.