Средношколци во Скопје ќе донираат сапуни кои сами ги направиле

Овој петок, (8-ми април) во 12 часот, во Градскиот Парк Скопје средношколци ќе донираат сапуни на Црвениот крст, кои сами ги направиле.

Ова ќе биде дел од настанот организиран од Приватното средно училиште Алгоритам како дел од размената на ученици помеѓу ПСУ „Алгоритам“-Скопје и ПСУ „Смарт“ од Нови Сад, Србија.

Станува збор за награден проект на двете училишта, кој спојува две општествено одговорни идеи: создавање на сапуни и донација на сапуните на ранлива категорија на граѓани, и креирање на веб страница за учење на знаковен јазик и брајова азбука. Страницата ќе биде преведена на повеќе јазици.

На настанот ќе биде потпишан и меморандум за соработка со Коалиција Менуваме – Агенда 2030 – што претставува иницијатива за унапредување на квалитетот на живот на децата со попреченост.

На настанот ќе бидат присутни претставници од „Europe House“ – Скопје, Црвен крст, „Go Green“ и Коалиција Можеме.

Размената е во рамки на проектот „Супер училишта Западен Балкан“ кој е организиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) заедно со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), а кофинансиран од од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и Европската Унија (ЕУ).

Организаторите најавуваат и дека на настанот ќе се одржат работилници за прва помош од Црвен крст и активности за подигнување на еколошката свест за чист воздух како дел од двомесечните работилници организирани од Europe House, а реализирани од Go Green и учениците на ПСУ „Алгоритам“ во рамки на Европскиот зелен договор.