Средношколци од Тенеси изработија роботска рака за соученик

Ученици од средно училиште во американската држава Тенеси изработија роботска рака за соученик во гест на пријателство.

Станува збор за ученикот Серџо Пералта, кој минатата есен се запишал во средното училиште Хендерсон во близина на градот Нешвил, кој се трудел да сокрие дека неговата десна рака не била целосно развиена.

„Како што растев, во првите години од моето школување, многу луѓе ме прашуваа што е проблемот со мојата рака. И уште од градинка се навикнав да возвраќам дека така сум роден. Првите денови во новото училиште во Хендерсон, искрено, сакав да ја кријам раката. Како да очекував дека никој нема да забележи“, објаснува 15-годишниот Серџо за Си-Би-Ес Њуз.

Но, Џеф Вилкинс, професор по инженерство во училиштето на Серџо, најпосле дознал за проблемот со раката на момчето и му ветил дека неговите соученици ќе можат да му помогнат. Соучениците поминале еден месец во дизајнирање, 3Д печатење и прецизирање на протетската рака за Серџо, кој помагал во процесот. Една од првите работи што ја направил Серџо со неговата нова роботска рака било фаќање топка.

Серџо вели дека никогаш не очекувал таков вид креативност и љубезност од неговите соученици.

Директорот на училиштето изјавил дека професорот Вилкинс и неговите ученици си дале предизвик да претворат апстрактни концепти во реалност.

„Роботската рака на Серџо е признание за студентите, кои се грижат еден за друг. Истовремено е и признание за програмата која ја развива професорот Џеф Вилкинс“, вели директорот Боб Котер.