Србија ќе вакцинира 1.500 изведувачи и посетители за фестивалот Егзит

Министерството за здравство на Србија ќе обезбеди вакцини за 1.500 странски изведувачи и посетители на музичкиот фестивал Егзит, а исто така за отворањето на фестивалот на 8 јули ќе бидат доделени и 3.000 влезници на медицинските работници, инфомираа организаторите.

Ваквиот потег е дел од придонесот кон општата безбедност, како и безбедноста на самиот фестивал, откако Егзит, но и останатите големи српски фестивали, минатиот петок ја лансираа националната кампања за вакцинација насочена кон младите.

Српските власти, како што посочуваат организаторите, благодарение на успехот на масовната вакцинација и драстичното подобрување на епидемиолошката состојба, 21 јуни официјално го означија како ден кога Србија ќе се врати на нормалниот живот и ќе овозможи одржување на фестивали и концерти.

„Овој план создава пат кон целосното отворање на државата со што ‘Егзитовата’ прослава на 20-годишнината на Фестивалот планирана од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина ќе биде еден од првите големи европски фестивалски настани ова лето“, велат организаторите.

На фестивалот, посетителите ќе имаат можност да ги слушнат холандскиот уметник Сатори, турската хаус ѕвезда Ече Екрен, хитмејкерот Робин Шулц, но и Дејвид Гета, Тајга, Пол Калкбренер, Борис Брејча, Нина Кравиц и други.

Влезниците за фестивалот може да се набават преку овој линк. Влезниците пак кои се купени за изданието во 2020 година, важат за влез на овогодишното издание на фестивалот.