СОНК: Штрајкот е масовен – притисоци има во градинките

Почетокот на штрајкот е добра порака до надлежните дека дејностите од просветниот сектор имаат сериозен проблем во нивниот социјален статус и поради тоа масовноста на штрајкувачите е огромна, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

Според него, на штрајкот на синдикатот се приклучиле и голем број работници кои не се членови на синдикатот.

Но, истовремено тој посочи дека во делот на детската заштита и детските градинки имаат проблеми и посериозни притисоци, каде, како што вели, надлежните, односно директорите на градинките, настојуваат воспитувачите по секоја цена да влезат во детските групи и да се прекине процесот на штрајкување.

„Многупати споменавме дека ние не сме тие кои што ќе речеме децата да не се носат во детските градинки, меѓутоа уште сто пати ако треба ќе кажеме дека процесот на штрајк никој не смее да го прекине. Никој не смее да врши притисоци и од таа причина најавивме и кривични пријави против секој оној кој што ќе се обиде да го спречи штрајкот“, рече Неделков.

„Имаме особено изразена ситуација во детските градинки и во општината Центар, во општината Карпош во градинката Орце Николов, во општината Валандово, во општината Гевгелија и во некои други општини кои што има помал број на штрајкувачи кои што морале да бидат на своите работни места иако се во штрајк“, додаде тој.

Проблем, како што вели Неделков постои и во однос на работното време на штрајкување. Според него се толкуваат различни закони, а особено Законот за работни односи каде што е наведено 40-часовно работно време неделно или 8-часовно работно време на дневна основа.

Меѓутоа, Неделков вели дека овие се посебни дејности, каде работниците не се обврзани да бидат на работа 8 часови, и смета дека договорот со директорите на установите и градоначалниците треба да биде, односно да се штрајкува онолку, колку што биле и смените во училиштата.

„Сметам дека во овој дел не треба да има посериозни проблеми и сметам дека по секоја цена инсистирањето да се работи 8-часовно работно време, поточно да се штрајкува 8 часа во текот на денот е непродуктивно и се прават дополнителни трошоци на установата кои што не се потребни. Дополнително, за колегите кои што се во период на рамазански пости, тоа навистина би било и нехумано и во втората смена се враќаат дури во 7 или 8 часот каде што веќе почнат е и периодот на вечера. Така да, се` ова оди во правец на реваншизам и на вршење притисок и уцени на оние кои што штрајкуваат да прекинат со штрајк“, рече Неделков.

Дециден е дека со вакви, како што рече, притисоци и уцени, работниците сигурно нема да се поколебаат, а напротив мотивот за да истраат и да бидат во штрајк ќе биде уште поголем.

„Да се најде заедничко решение, јазик со штрајкувачкиот одбор и вакви проблеми да се надминат во периодот што следува, да нема“, додаде Неделков.

Во однос на преговорите, за кои претседателот на СОНК ги очекува и денеска, посочи дека се расположени веднаш да се состанат, и уште еднаш да ги презентираат нивните аргументи, но и, како што рече, да ги убедат надлежните дека тоа што го бараат е навистина издржано.

„Да најдеме заедничко решение, да можеме да излеземе во пресрет на сите оние кои што се засегнати од нашиот штрајк, кои што условно кажано трпат штети на нивна сметка во однос на нивната работа, неможноста да одат на работа заради проблемот со згрижување на сопствените деца, кои што во оваа прилика сакам и да им се извинам од една страна за проблемите што ги создадовме, а од друга страна од името на нашиот синдикат да им изразам огромна благодарност за поддршката што ни ја даваат масовно, буквално во сите делови на нашата држава, а тоа се гледа по релативно малиот број на ученици во основно и средно образование и се разбира, релативно малиот број на деца кои што се донесени во детските градинки“, рече Неделков.

Одговарајќи на новинарско прашање, Неделков децидно рече дека штрајкот „секако дека ќе продолжи и утре“, и додаде дека дури и вечерва да се сретнат со надлежните и да ги усогласат барањата, предлозите треба да одат во процедура, а од членовите во синдикалните организации ќе треба да добијат овластување за евентуално прекинување на штрајкот или одбивање на предлогот.

Дополнително, Неделков посочи дека СОНК е спремен да поднесе и кривични пријави сите установи кои ќе ги прекршат законите за штрајк.

„Ние не би сакале, апсолутно не би сакале ниту еден директор, или некој од надвор кој што врши притисок, против нив да поднесуваме кривични пријави. Меѓутоа, за жал, приоритет ни се заштитата на нашите членови. И вакви дејствија, еднаш засекогаш, како пример, треба да прекинат. Дали во нашите дејности, или во некои други дејности, апсолутно е неприфатливо, недемократски во 21 век на некого да му се крати правото на слободно изразување на своето незадоволство, тоа ние нема да го дозволиме“, истакна Неделков.

Згрижувачко-воспитната дејност во градинките непречено се одвива, тврди МТСП

Од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот на СОНК, тврдат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

„Само во една односно во  ЈОУДГ ‘Детска Радост’, Гази Баба, Скопје, воопшто во текот на денот не се згрижуваа деца, а во  ЈОУДГ ‘Пролет’ Карпош,  се згрижуваа деца само во еден објект. Во сите останати предучилишни установи и покрај одржување на штрајкот на вработените во градинките, непречено се одвива згрижувањето и воспитанието на децата“, посочија од МТСП.

Според нив, целокупната состојба на терен потврдува дека установите и вработените го почитуваат Законот за заштита на децата и ја обавуваат дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и при остварувањето на правото на штрајк обезбедуваат непречено одвивање на дејноста.

Заштитата на децата и нивните права, од МТСП велат дека останува да биде високо на нивата агенда на приоритети.

Оттаму, претходно ја известија јавноста и родителите дека сите предучилишни установи ќе продолжат да ја вршат својата дејност и во деновите на штрајк.

„Во согласност со Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на децата на Република Северна Македонија, неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата. Согласно Законот за заштита на децата, во преучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк“, соопштија од МТСП.

Истовремено, оттаму истакнаа дека при остварување на правото на штрајк во предучилишните установи, вработените се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата.

Просветните работници во генерален штрајк – за министерот тоа треба да биде последен чекор