СОНК го става штрајкот во мирување, учениците од утре се враќаат на настава

Генералниот штрајк на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) се става во мирување, но може повторно да биде активиран, соопшти денеска претседателот на синдикатот Јаким Неделков.

Ваквата одлука на Советот на СОНК, доаѓа откако Министерството за образование и наука (МОН) доставило известување до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за пристапување кон мирно решавање на колективниот спор со СОНК, според Законот за мирно решавање на работни спорови.

„Врз основа на ова добиено известување, денеска Советот на СОНК расправаше, ги анализираше законските одредби согласно законот за мирно решавање на работните спорови и констатира меѓудругото дека Советот на СОНК и СОНК впрочем, се легалисти, се за почитување на законите. Од таа причина, дел од одредбите водат кон тоа дека додека трае периодот на помирување и решавање на спорот помеѓу двата спротивставени табори, доколку се однесува на штрајк, штрајкот треба да се стави во мирување. Извршивме детална консултација со повеќе правни субјекти, со повеќе правници, адвокати, судии, факт е дека ќе мора да постапиме согласно закон и факт е дека ќе мораме штрајкот да го ставиме во мирување“, рече Неделков

Истовремено, тој е убеден дека во наредниот период ќе најдат соодветни заеднички решенија, онаму каде што застанале во преговорите и дека нема да има потреба од активирање на штрајкот.

„Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, верувајте и сакам да ја уверам и јавноста и нашето членство дека штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, се надевам дека и Владата и МОН и МТСП, еве и нив ќе ги повикам во овој дел на помирување, ќе изнајдеме решение и за сите спорни прашања конечно да најдеме заеднички модел“, рече Неделков.

„Инаку, убедени сме дека и платите ќе бидат зголемени, толку колку што бараме, толку колку што се можностите, дневниците за време на штрајкот дека ќе бидат повлечени, односно дека нема да бидат скратени. Сигурни сме дека колективните договори ќе бидат потпишани за основно, средно и детска заштита, и тоа утврдени со рокови до кога. Секако и сите оние придобивки кои со колективни договори баравме да се внесат како што е превоз на вработени, регрес за годишен одмор итн… како и динамика на зголемување на платите во наредните години, особено во 2023 година“, посочи Неделков.

Пред два дена, СОНК најави дека штрајкот ќе продолжи само во училиштата, без градинките, откако беше постигнат начелен договор помеѓу СОНК и Владата за зголемување на платите во просветниот сектор за 12 отсто.

Штрајкот на просветните работници започна на 11 април.

Штрајкот на СОНК продолжува само во училиштата, градинките од утре почнуваат со работа