Социјалната мрежа Тредс од денеска е официјално достапна во земјите на Европската Унија

Социјалната мрежа Тредс од денеска е и официјално достапна во земјите од Европската унија, пет месеци по нејзиното лансирање во другите делови на светот, јавува Би-Би-Си.

Социјалната мрежа на компанијата Мета дебитираше како ривал на X (претходно Твитер), но не беше достапна во земјите од ЕУ, која има строги правила поврзани со личните податоци и големите технолошки корпорации.

Од компанијата Мета се надеваат дека ќе го поттикнат интересот за платформата, која имаше повеќе од 100 милиони корисници во првата недела од лансирањето.

Недостатокот на некои функции, влијаеше на способноста на платформата да им парира на другите. Само три недели по лансирањето на социјалната мрежа, шефот на Мета Марк Закерберг рече дека Тредс изгубил половина од своите корисници.

Подоцна беа објавени нови функции во обид да се привлечат луѓето назад, а до октомври Закерберг рече дека повеќето корисници се вратиле.

Меѓутоа, Тредс по популарност останува далеку зад социјалните мрежи како X (Твитер), ТикТок, Инстаграм и Фејсбук.