Тредс до крајот на годината треба да биде достапен и во ЕУ

Најновата социјална мрежа на Мета, Тредс, досега имаше еден голем недостаток во споредба со нејзиниот главен конкурент Х (Твитер) – достапноста во Европската Унија. Сепак последните информации говорат дека оваа апликација до крајот на 2023 година ќе почне да профункционира и на подрачјето на ЕУ.

Причината зошто Тредс, која беше лансирана во јули 2023, не може да се користи во ЕУ е проблемот на Мета кој го има со регулаторите на Унијата, кои имаат големи забелешки на навиката на компанијата да ги обработува податоците од ЕУ корисниците во САД.

Сепак ова наскоро може да се смени, доколку се суди според информациите кои ги сподели весникот Волстрит Журнал, кои пишуваат дека Мета планира да ја направи Тредс достапна во ЕУ во декември.

Во текстот новинарите се повикуваат на луѓе кои се поврзани со целиот процес и се наведува дека Мета на корисниците во ЕУ ќе им даде избор да го користат Тредс „само за употреба“ и „без профил кој би им овозможил да креираат сопствени содржини“.

Се` уште е нејасно дали за корисниците во ЕУ ќе бидат воведени други промени, иако директорот на Инстаграм и Тредс, Адам Мосери, вели дека сите корисници на Тредс ќе добијат можност да ги избришат своите профили на Тредс без истовремено да го избришат и поврзаниот профил од Инстаграм.

Според проценките на технолошките аналитичари, лансирањето на Тредс во ЕУ би значело дополнителни 40 милиони месечни корисници на апликацијата во 2024 година. Сегашните проценки се дека апликацијата има 73 милиони корисници глобално, што е уште далеку помалку од Х кој има околу 336 милиони корисници.

На Тредс деновиве е направена уште една промена, со проширување на услугата за пребарување по клучни зборови на сите јазици каде што е достапна апликацијата.