Социјална инклузија преку цртање – Супортива го заокружи својот проект во скопската ЗОО

Со заедничка изложба на ликовни дела на деца од социјално ранливи и маргинализирани категории, здружението СУПОРТИВА го заокружи проектот кој во текот на мај го реализираше во скопската зоолошка градина.

Во рамки на овој проект се одвиваа неколку активности. Најпрво, за децата и младите се организираше едукативна тура низ зоолошката градина предводена од стручен водич. Потоа, учесниците се упатија во едукативниот центар кој се наоѓа во рамки на ЗОО Скопје, каде се одржа ликовната колонија на која учесниците ги насликаа животните кои им оставиле најголем впечаток, како и творби по сопствена инспирација.

По завршување на ликовните колонии, насликаните дела беа презентирани на една заедничка изложба на 28ми мај, со што се заокружи целиот проект. Целта која се постигна со овој проект е социјална инклузија на децата и младите со посебни потреби и децата и младите изложени на социјален ризик, како и подигнување на јавната свест за способностите и талентите кои тие ги поседуваат.

Деца и млади од маргинализирани групи се едуцираа и цртаа во Зоолошката градина

Проектот беше финансиран од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија како проект од национален интерес во културата, а поддржан од Зоолошка градина Скопје и повеќе компании.

Здружението СУПОРТИВА Скопје, кое меѓу останатото се залага за инклузија на маргинализираните заедници и помош и поддршка на лица од социјално ранливи категории, по втор пат е организатор на ваков настан. Со него се зголемува надежта дека проекти од ваков тип ќе прераснат во традиција и дека ќе инспирираат и поттикнат желба за поголема инклузија на лицата со посебни потреби во секојдневното живеење и функционирање на општеството.