Деца и млади од маргинализирани групи се едуцираа и цртаа во Зоолошката градина

Убаво време, весел џагор и патеки исполнети со насмеани лица. Ваква е сликата во Зоолошката градина во Скопје деновиве бидејќи се одржува настан за помош и поддршка за социјално ранливите и маргинализирани категории на деца во државата, организиран од здружението СУПОРТИВА. Здружението се обидува да им овозможи простор за изразување и дружење на овие деца и да покаже на јавноста каков таленти и способности поседуваат тие, а се целосно потценети и маргинализирани.

„Целта е јавноста да види дека овие деца можат да функционираат нормално меѓу другите нивни врсници“, вели претседателот на здружението Горјан Цветковски, „време е да се сруши бариерата дека нив нешто им фали и да почнат луѓето да ги прифаќаат, а не да ги одбегнуваат“, дополнува тој.

Смета дека лицата кои  имаат пречки во физичкиот и ментален развој, мора да бидат прифатени, па затоа е неопходно младите да се едуцираат, дружат и да им помагаат на ранливите категории.

„Тие во себе кријат огромни таленти и е вистинска штета да се остават на милоста и немилоста на околината“, објаснуваат од здружението.

Ова не е првиот ваков проект на СУПОРТИВА, но како што посочуваат од здружението, повик е за будење на институциите ширум државата активно да се вклучат во инклузија на маргинализираните лица.

Настанот беше реализиран благодарение на поддршката на Министерството за култура и неколку компании. Зоолошката градина Скопје пак овозможи тура со стручен водич и простор во едукативното катче каде децата имаа можност да ги насликаат своите омилени животни по турата со помош на стручни педагози и уметници.

Ѓорѓи Божиновски