Собранието ја изгласа Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година, соопшти МТСП

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска соопшти дека во Собранието е изгласана Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година. Оттаму велат дека стратегијата е основен стратешки документ на Република Северна Македонија со кој, како што велат, се воспоставува сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените.

Од МТСП посочуваат дека со донесувањето на стратегијата, Северна Македонија се стреми кон унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски, препознавајќи дека родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество.

„Стратегијата се заснова на принципите на законитост, јавност, транспарентност, одговорност, отчетност и меѓу секторска соработка. Визија на Стратегијата е постигнување родова еднаквост во општество во кое жените и мажите, девојчињата и момчињата, имаат еднакви права, пристап до ресурси, можности и заштита во сите сфери на животот, како услов за целокупен и одржлив економски, демографски, социјален развој и напредок на земјата, односно општество во кое жените и мажите ќе ги имаат истите привилегии и одговорности кои ќе ги остваруваат во вистинско заедничко партнерство“, велат од МТСП.

Со прифаќањето на амандманите на предлог Законот за буџети, од МТСП велат дека се овозможува вклучување на родовата перспектива во буџетите на органите на државната управа, додавајќи дека со ова, буџетите стануваат родово одговорни и ќе одговорат на потребите на сите граѓани.

„Родово одговорно буџетирање не е прашање на борба помеѓу мажите и жените. Напротив тоа е прашање  со кое ние создаваме еднакво општество, во кое ги распоредуваме финасиските средства на поправеден начин. Родовото одговорно буџетирање станува  реалност со донесување на новиот Закон за буџети“, велат од МТСП.