Турција ја напушти Истанбулската конвенција

Турција го напушти интернационалниот договор, создаден да ги заштитува жените и покрај приговорите од активистите, пренесува „BBC“.

Конвенцијата беше потпишана од Европскиот совет пред 10 години, а нејзината имплементација се случи во Истанбул.

Пактот е наменет за превенција и елиминација на родово базираното насилство, особено семејното.

Турските конзервативци се противат на принципите за родова еднаквост и недискриминација врз база на сексуалната ориентација, која според нив ги поткопува семејните вредности и промовира хомосексуалност.

Одлуката на Турција е опишана како „разочарувачка“ поради напуштање на борбата против семејното насилство која беше воведена од најголемото правно тело на Европа, Европскиот совет.

„Овој потег е големо уназадување во борбата против родово базираното насилство и е разочарувачки бидејќи ја компромитира заштитата на жените во Турција, во Европа и пошироко“, изјавила генералната секретарка Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Министерката за труд и социјална политика, Зехра Зумруд, на своите социјални мрежи истакнала дека правата на жените сѐ  уште се заштитени со државниот устав. Таа не дала појаснување зошто Турција се повлекува од Истанбулската конвенција што е прв светски договор за заштита од семејно насилство.

Гокче Гоксен, заменик претседателот на турската опозициска партија, објавил дека напуштањето на конвенцијата значи третирање на жената како граѓанин од втор ред и давање дозвола за убиство.

Силувањето и убиството на 23 годишната студентска Суле Чет во главниот град Анкара во 2018 година поттикна јавни критики, демонстрации и медиумско покривање.

Студентката Чет била силувана во својата канцеларија, а нејзиното тело било фрлено низ прозорецот за да изгледа како самоубиство.

Двајца мажи биле обвинети за случајот, еден добил доживотна, а вториот затворска казна од 19 години.

Според турската платформа „Ќе го сопреме фемицидот“, најмалку 300 жени биле убиени во Турција изминатава година, иако тие сметаат дека бројката е поголема поради голем број на жени кои се пронајдени мртви во неразјаснети околности.

Претседателката на платформата „Ќе го сопреме фемицидот“, Фидан Атаселим ги повикала жените да излезат на улиците на Истанбул во знак на протест.

„Отфрлете ја одлуката и воведете ја конвенцијата. Милиони жени не можат да бидат игнорирани, затворени и замолчени“, изјавила таа.

Керем Алтипармак, академик и адвокат за граѓански права го споредил напуштањето на конвенцијата со воениот пуч од 1980 година.

„Она што го напуштивме денес не е само конвенцијата, туку и парламентарната волја и законодавната моќ“, истакнал тој.

Претседателот Реџеп Ердоган кој владее со Турција скоро две децении, е обвинет за ситнење на турскиот секуларен државен карактер и промоција на социјален конзерватизам.