Собранието го продолжи рокот за постапките со бесправни објекти до 2031 година

На денешната 85. седница, Собранието усвои измена на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со која рокот за завршување на постапките се продолжува за уште пет години, односно до 2031 година.

Со ова се овозможува да се завршат предметите за објекти изградени до 2011 година.

Промената не отвора можност за поднесување на нови барања за легализација, туку се однесува само на граѓаните кои веќе имаат поднесено документација и чекаат решение со години.

Целта на продолжувањето е да се обезбеди време за комплетирање на административните постапки и за издавање на соодветни решенија без ризик од истек на рокот.

Според предлагачите, со законската измена се гарантира правна сигурност за сите досегашни апликанти, а општините добиваат дополнителен период за да ги завршат започнатите процеси.