Отпочна собраниската процедура за предлог законот за платено породилно отсуство за земјоделки

Пратениците гласаа ЗА за Законот за здравствено осигурување за платено породилно отсуство за земјоделки

Од Мрежа за заштита од дискриминација информираат дека Собранието денес ја изгласа потребата од донесување на Предлог на закон за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се овозможува платено породилно отсуство за земјоделки.

„Сите присутни пратеници гласаа ‘ЗА’, со што сметаме дека Предлогот на законот успешно ќе ја помине законодавната постапка и земјоделките конечно ќе добијат системско решение за правото на платено породилно остуство. Воедно апелираме до Собранието во најскор можен рок да ја заврши постапката за донесување на овој закон“, истакнуваат од Мрежата.

Оттаму посочуваат дека извршната власт првично не ги прифатила нивните барања и не презела чекори за спроведување на препораката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но, дополнуваат дека, од друга страна,  пратениците одговориле позитивно.

Предлог законот предвидува платено породилно отсуство за индивидуални земјоделци под еднакви услови како за сите останати вработени и самовработени лица во висина на минималната плата.

„Со ова решение ќе се надмине системската дискриминација и ќе има бројни бенефити во однос на унапредување на здравјето и благосостојбата на жените и децата од руралните средини. Овој чекор го гледаме како дел од пообемна иницијатива за унапредување на правата на руралното население, признавање и уважување на земјоделскиот труд. Преку овозможување на правото на платено породилно отсуство повеќе жени ќе се регистрираат како индивидуални земјоделки со што ќе станат дел од формалната економија, самостојно ќе ги уживаат правата кои произлегуваат од тој статус (право на здравствено, социјално, пензиско осигурување и сопствен приход од земјоделска дејност) со што на долг рок ќе се унапреди нивната еманципација и родовата еднаквост во руралните средини“, порачуваат од Мрежата.

Од Мрежата дополнуваат дека следно, ќе работат со Собранието за донесување на законски измени со кои ќе се овозможи платено отсуство поради боледување и повреда на работно место за индивидуалните земјоделци.