Собрани над 4 000 потписи за стопирање на паркирањето по тротоари

Граѓанска иницијатива „Мегафон“ соошти дека на нивната онлајн петиција се собрани над 4,000 потписи од граѓани со кои бараат итно стопирање и санкционирање на паркирањето на возила на тротоари и целосно ослободување на тротоарите за пешаците.

„Паркирањето на автомобили на тротоари е незаконско и со тоа се загрозува безбедноста на пешаците, пред се на најранливите групи како ученици, лица со посебни потреби, мајки со деца во количка и повозрасни граѓани.

Пешаците според „Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“ се должни да се движат на тротоар и можат да бидат казнети ако се движат на коловоз. Меѓутоа во Скопје, парадоксално, пешаците се движат на коловози бидејќи тротоарите се узурпирани од паркирани автомобили.

Бараме итно и неодложно МВР и сообраќајната полиција, како и Град Скопје, да се стават во служба и во одбрана на правата на граѓаните, пред се пешаците, и ригорозно и со нулта толеранција да се справуваат со погрешно паркираните автомобили. Ве потсетуваме дека со непостапувањето по законските обврски, МВР и сообраќајната полиција стануваат соучесници во овие прекршочни дела и индиректно го потпомагаат загрозувањето на безбедноста на граѓаните“, велат од „Магафон“.