Собрани 235.000 евра од наплатени кеси во декември

Министерствтвото за животна средина денеска објави дека во текот на декември се собрани 14.413.000 милиони денари (234.958 евра) од наплатени кеси.

Според министерот Насер Нуредини, и покрај тоа што била очекувана многу поголема демотивација за купување кеси, сепак првичните податоци обезбедени во соработка со големите маркети покажуваат дека количината употребени кеси е драстично намалена.

„Во некои ланци на маркети имаме намалена употреба од 5 до 10 пати, а изразено во килажа станува збор за тонски количини на намален отпад од пластика. И покрај тоа што е потребно време за навикнување и прилагодување кон овие мерки, сепак позитивните промени на потрошувачките навики се очигледни, а податоците покажуваат и зголемен број на продадени торби за повеќекратна употреба“, рече Нуредини.

Министерот Нуредини најави структурирање и донесување на Програма за инвестирање со која средствата би се вратиле во услужните дејности од кои сите граѓани би го почуствувале бенефитот. Се размислува, пред се’ за инвестирање во системот на селекција на отпад, со што би им се помогнало на локалната самоуправа и на колективните постапувачи со отпад кои со новите закони имаат обврска да ја воспостават инфраструктурата за селекција.

Покрај садови за селекција во општините, министерот Нуредини најави дека се размислува и за зголемување/поставување на истите и во заштитените подрачја.

Инаку, од 1 декември 2021 се воведе забрана за пуштање на пластички кеси за еднократна употреба за носење стоки, како и задолжителна наплата на биоразградливите кеси произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост од 15 денари.

Радио МОФ веќе објавуваше за новите измени. За да провериме каква е ситуацијата на продажните места, посетивме неколку маркети во центарот на Скопје, како и Зеленото пазарче. По пат купивме банани, мандарини, зелка, марула и лимон, а потоа „зготвивме“ и репортажа.

[Видео] Биоразградлива репортажа за 15 денари