Со солидарност, ентузијазам и поддршка до повеќе култура во јавните простори

Со поголема солидарност меѓу младите уметници, посилна поддршка од институциите и повеќе ентузијазам ќе има и повеќе култура во јавните простори, сметаат говорниците на отворената дискусија поја се одржа синоќа во Зградата на Железничарите во Скопје, како финален настан на Радио МОФ од кампањата #УраЗаКултура.

Локални уметници, активисти и архитекти, но и станарите на зградата во која се одвиваше дискусијата ги споделија и спротивставија своите ставови и размислувања за развојот на културата на јавните простори.

Маја Лозаноска и Сара Симоска од МЕЛЕЕМ Скопје раскажуваа за своите искуства со јавните простори. Лозановска се осврна на неодамнешната акција за зближување на локалците и станарите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ преку оплеменување на речиси заедничкиот двор во домот. Најважно е, вели, кога се прават интервенции во еден простор, во целиот процес да бидат вклучени тие што ќе го користат просторот.

„Не може некој кој не живее во тој простор да им кажува што да има таму и што ќе се направи“, децидна е Лозановска.

Нејзината колешка од МЕЛЕЕМ, Сара Симоска забележа дека новите генерации уметници се многу  поактивни и посамоорганизирани. Она што обесхрабрува, забележува, е што добрите проекти тешко опстануваат.

„Многу активност се почнати, но не можат да најадат финансиска поддршка. Има иницијатори, ама нема континуитет. Треба да се препознаат тие квалитетни проект и да се поддржат. Тешко е тој ентузијазам (долгорочно) да опстои. Еве, нека бидат и пет години, ама после тоа ќе се бара егзистенција“, заклучува Симоска.

Марјан Димиќ – Мачка, архитект и графити артист истакна дека негов предизвик за разубавување се поздаскриените и напуштени простори. За жал, додава, заедничките простори ги има се помалку. Запрашан како може да се популаризира нивното постоење, вели:

„Социјалните мрежи можат да помогнат при информирање за некво случување. Мислам дека тоа е само една добра алатка која може да се искористи“, вели Мачка.

Како до култура во јавните простори?

Уметникот и активист Ѓорѓе Јовановиќ пак зборуваше за артивистичките акции низ Скопје, како ајкулите во Вардар, во времето на минатата власт, кои ги правеа за да се долови апсурдот на проектот „Скопје 2014“, но и на целото општествено живеење.

„Ова е една форма која не беше многу просутна кај нас, и се разви кога уметничката заедница беше прилично летаргична и не сакаше да се спротивстави на нештата кои се случуваа. Уметникот мора да наоѓа нови форми на изразување, посебно кога се бави во ваков вид проблеми“, истакна Јовановиќ, додавајќи дека акциите продолжуваат да се случуваат и по промената на власта.

Дарко Набаков од „Македокс“ се осврна на кината на отворено кои ги организираат по селата, каде и ниту младите, ниту старите никогаш во животот не добиле можност да посетат кино проекција. Добрите проекти вели, мора да бидат поддржани.

„Супер е тоа што се јавуаат нови иницијативи, но не е позитивно тоа штo старите не траат. Властите треба да ги препознаат“, укажува Набаков.

Говорниците се согласија дека е потребна поголема солидарност, пред се меѓу младите уметници, како и взаемно признавање и поддршка за успесите.

На настанот беа изложени и илустрациите кои стигнаа до Радио МОФ, на отворениот конкурс „Наш јавен простор“, каде беше прогласен победникот Јосиф Николовски со илустрацијата „Слободен рекорд“.

Кампањата #УраЗаКултура беше спроведена во рамки на проект финансиран од Европската Унија.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.