Со работилници и предавања ќе се одржи втората научна конференција „Наука за деца“ во НОВА

Втората научна конференција „Наука за деца“, под мотото „Пуштете ја вашата научна фантазија“ ќе се одржи во сабота, 7 октомври во Интернационалното училиште НОВА.

Во организација на Фондацијата „Кантарот“, конференцијата цели да ја популаризира науката кај најмладите.

Преку работилници и предавања организирани од професорите Никола Стиков и Тања Павлеска, децата на интересен начин ќе се запознаат со многу научни концепти, при што оваа година акцентот е на оптичките илузии и магичниот свет на веројатностите.

„Работилниците се целосно интерактивни, а љубопитните деца ќе можат да добијат одговори на своите прашања директно од научниците“, велат од „Кантарот“.

Во рамки на конференцијата е најавена изложба на детски цртежи, кои беа избрани како финалисти на конкурсот „Научна фантазија“. Воедно, ќе бидат и прогласени и наградени победниците на ликовниот конкурс, а ќе им бидат врачени и признанија на наставниците кои изминатата година се истакнаа во работата со децата и ја поттикнуваа нивната љубопитност и љубов кон науката.

Сите родители што сакаат да ги пријават своите деца, тоа можат да го направат пополнувајќи го формуларот за учество.

Оваа година, Фондација „Кантарот“ и Венка Симовска (Универзитет Архус во Данска) ја основаа наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. По одлуката на стручното жири од научници, за време на конференцијата ќе биде доделена и оваа награда, која е во вредност од 30.000 денари.

Популаризацијата на науката меѓу децата е една од главните цели на Фондација „КАНТАРОТ“, а освен конференцијата, фондацијата подолго време работи на оваа тема и преку креирање на едукативни, интерактивни видеа и експерименти кои децата можат да ги гледаат на нивната веб-страна.

„Со цело срце и душа работиме на Втората конференција ‘Наука за деца’ и одвај чекаме да ги собереме децата за наука на едно место. Во текот на годината организиравме научни работилници во многу училишта и реализиравме интересни натпревари за децата и овој настан за нас е кулминација на целиот труд за популаризација на науката меѓу најмладите“, вели Директорката на Фондација „КАНТАРОТ“, Драгана Стикова.

Конференцијата „Наука за деца“ е финансирана со crowdfunding модел, т.е. со микро-донации од самата научна заедница и од јавноста.