Со проекција на „Жена-Убиец / Фониса“ во Кинотека заврши Фестивалот на грчки филм

Фестивалот на грчки филм синоќа во Кинотека свечено го затвори Амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду. Веднаш по нејзиното обраќање следеше проекцијата на филмот „Жена-Убиец/Фониса“ на Ева Натена и „Поглед од балконот“ – краток филм на Арис Капланидис.

Амбасадорката Филипиду се заблагодари на соработката на Фестивалот Киненова и на Кинотеката на Северна Македонија и посочи дека филмот на Ева Натена со кој се затвора годинешното издание говори за една измачена постара жена која што убива женски новороденчиња за да ги спаси од нивната темна судбина.

„Филмот е инспириран од култниот роман на познатиот грчки писател Александрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии“, рече Филипиду.

На присутните со видео –порака им се обрати и режисерката Ева Натена, која се заблагодари на организаторите на Фестивалот и вети дека во октомври ќе допатува во Скопје. 

„Многу сум среќна што филмот се прикажува на Фестивалот на грчки филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментов. За мене и моите соработници е мошне важно што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите да го доживеете филмот во вистинско светло“, рече Натена, објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања кои траеле десет години.

Ова издание на фестивалот се одржа  од7-9 април во Скопје и од 8-10 април во Битола. На филмското платно беа прикажани вкупно шест филмови – три долгометражни и три кратки.