Отворен Фестивалот на грчки филм во Кинотека

Со проекција на филмовите „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос и црната комедија  „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос вчера во Кинотека свечено беше отворено 4.издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје.

Филмот на Јоргос Геогопулос, ја раскажува приказната на Арис кому сè му оди од рака. Како манипулант, како во неговата работна средина така и во личниот живот, тој ужива во животот како безгрижен женкар и миленик на неговиот шеф. Неговата среќа ќе се промени кога ќе открие дека е носител на сексуално пренослив вирус кој е смртоносен само за жените. Но, тој е и единствената надеж за пронаоѓање на лековита вакцина, доколку открие која од неговите поранешни девојки е носител на првиот вирусен вид.

Краткиот филм на Кекатос, пак, ја ракажува приказната за Макис, кој работи во фарма за риби. Одејќи на работа едно утро, го известуваат дека починал ден претходно. По неуспешните обиди да докаже дека е жив, тој ја прифаќа својата судбина и го поминува својот последен ден пред неговиот погреб обидувајќи се да обезбеди засолниште за своите сакани канаринци.

Вечерва на програмата на Фестивалот е филмот „Невидлив“ на Димитри Атанитис и краткиот филм „Бјути“ на Танос Либеропулос.