Седмото издание на филмскиот фестивал „Drim Short 2023“ ќе се одржи од 14 до 17 август

Под мотото „Неопходна убавина“ годинава во периодот од 14 до 17 август ќе се одржи седмото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short 2023“ во Струга.

„Фестивалската програма и оваа година ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки категории и тоа регионална, интернационална, студентска и специјална програма ‘Соочување со минатото’, во селекција на нашиот долгогодишен соработник, режисерот Иван Бакрач“, велат организаторите.

Покрај натпреварувачките програми, фестивалот годинава ќе ја претстави и специјалната програма „MK Special” со цел, како што информираат оттаму, промоција на македонскиот филм и младите македонски автори.

„Гостинските програми се во соработка со DocuFest од Косово и Sarajevo Film Festival од Сараево. Неизбежен сегмент од целиот фестивал повторно ќе биде едукативниот дел, пропратен со мастерклас со реномираниот ирански режисер Али Ашгари“, пишува во најава за прогремата.

Во рамки на фестивалот ќе бидат одржани и две дискусии. Првата ќе биде на тема „Соочување со минатото“ во соработка Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со Еко-Свест ќе биде на тема заштита на животната средина и пред сѐ Охридското Езеро, а учество ќе земат екологисти и претставници на институциите.

На годинешното издание на фестивалот по втор пат ќе се одржи работилницата за краток филм „Fund Ready“, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм Balkan Short Film Network.

Дел од музичката ОФФ програма, оваа година се Фолтин, а фестивалот оваа година ќе го затворат диџеите Diah и Бодан Јамакоски.

Целата програма може да се види тука.