Започнува дваесет и петтото издание на Скопје филм фестивал

Со изложба на плакати по повод 25 години Скопски филмски фестивал, овој петок, на 9 септември, ќе започне овогодишното издание на фестивалот.

Изложбата ќе биде отворена во Галеријата на Кинотека, со почеток во 19 часот, по што ќе следува проекцијата на канскиот победник „Триаголник на тагата“.

Организаторите на фестивалот најавуваат разновидна програма во чии рамки ќе се прикажуваат играни и документарни филмови поделени во неколку целини, односно, програма на светски филм, фокус на европски филм, програма на авторски филм и ретроспективата 50 години „Кум“.

Годинава сите филмови ќе бидат прикажани во Кинотеката на С. Македонија.

Во програмата Светски филм на публиката на Скопје филм фестивал ќе се прикажат филмови како „Вози ја мојата кола“ на јапонскиот режисер Хамагуши, канадско – францускиот филм „Соколово езеро“ на режисерката Шарлот Ле Бон и аргентинско – шпанскиот „Официјална конкуренција“.

Во програмата „Авторски филм“ ќе се прикаже најновото остварување на Гаспар Ное „Вртлог“, како и уште три филмови во програмата Фокус на европскиот филм – „Корсет“ на режисерката Мари Крацер, „Едно убаво утро“ на Миа Хансен Лов, и „Смачено ми е од себе“ на режисерот Кристифер Боргли.

„Среќни сме што го дочекуваме јубилејното издание на Скопскиот филмски фестивал кој успеа да опстои сите овие години и да го одржи својот континуитет на квалитетни филмски остварувања. И оваа година направивме избор на значајни филмови и ја поканувам нашата публика во петок и во наредните денови заеднички да го прославиме нашиот јубилеј“, истакнува Татјана Јаневска, директорка на СФФ.

Во рамки на програмата „Кинемода“ ќе се прикаже документарниот филм „Мартин Магиела. Со свои зборови“ кој претставува портрет на Маргиела, кого модниот свет го сметаше за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30 години.

Проекцијата ќе се одржи во кафе-киното „Котур“, по што ќе следува и  разговор на Кристина Глигоровска и Александра Оленска.

За детален распоред на програмата,  посетете ја веб-страната на фестивалот.