Со изложбата на Душан Стефановски се отвора Мофовско културно лето

Мофовското културно лето во четврток (29 јули) се отвора со изложба на Душан Стефановски, докажан млад уметник кој ќе го претстави својот апстрактен јазик.

Изложбата ќе се одржи во дворот на Младиннски образовен форум со почеток од 19:30 ч.

Душан Стефановски е млад уметник со образование во графиката, којшто ги опишува своите дела како целосно визуелни знаци што излегуваат спонтано од некој контекст. Поради искуството со графити уметноста, блиски во неговиот метод на работа му се спрејовите и маркерите. Но неговата работа е водена и од ставот, вештината и желбата да создаде едноставен и препознатлив визуелен знак. Затоа, пристапот на Душан не е ограничен само на традиционалните медиуми како платно и графика, туку тој работи и со најдени објекти (најдени врати, дрвени штици, рамки) и ги користи како површина за работа.

Познат и како Дуле легендата, тој во 2015 завршува во средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, Скопје. Во 2020 година завршува високо образование во Факултет за ликовни уметноски – Скопје, отсек графика. Неговата прва самостојна изложба наречена „Потиснат потенцијал“ беше отворена на 03.06.2020.

Во изминатиот период тој го напушта колоритот и се оддалечува од графити влијанието за да продолжи да го оформува својот ликовен став во монохромна содржина, каде што се обидува да достигне ново ниво на естетика и уникатност во неговите апстрактни дела.

Влезот за изложбата е бесплатен.

На настанот ќе се почитуваат мерките против ширењето на Ковид-19.