Со изложбата „И јас сум тука“ во борба против предрасудите кон лицата со посебни потреби

Во рамки на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, ќе се одржи  изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“, која ќе биде отворена во вторник, на 2 ноември. Изложбата ќе започне во 19 часот, во холот на Кинотеката.

На изложбата ќе учествуваат 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив. Автор на фотографиите е Тоше Огњанов, а на приказните – Сребра Ѓорѓијевска.

Авторите велат дека потребно е да се зборува гласно за луѓето што се меѓу нас, а за кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме.

„Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“, додаваат тие.

Изложбата ќе биде отворена три недели.

Според Ануки Стуруа, проект-менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“, проектот цели кон промена на стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, како и намалување на стигмите и  поткревање на свесноста за интелектуалната попреченост.

„Македонија има направено чекори кон оваа насока, но има уште многу работа да се заврши кога станува збор за интеграцијата на лицата со посебни потреби во општеството. Веруваме дека овие видови средби и активности можат да промовираат поинклузивна средина и да придонесат да имаме отворено и толерантно општество.  Веруваме дека заедно можеме да ги рашириме идеите за човековите права, еднаквите вредности, правата на лицата со попреченост да бидат видени, слушнати, да стојат во средиште и да блеснат“, истакнал Стуруа.

„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт.  На отворањето на изложбата ќе се обрати амбасадорката на Шведска во Македонија, Кристин Форсгрен Бенгтсон.