„И јас сум тука“: Разбирање наместо сожалување на лицата со попреченост

Христина Смилковска (17) еднакво добро се справува и со бројки и букви. Сака да црта, да изработува креативни работи од разни материјали конец, срма, ткаленина, салвети. Александар Василевски (31) по струка е помошник-автомеханичар и сака да им помага на луѓето кога имаат некаков проблем со автомобилот. Ерато Нора Кардула (15) ако нешто многу сака да прави, тоа е да си купи чоколадо и гумени бомбони. 

Марија Савеска (19), пак, музиката ја прави среќна, а особено кога самата танцува или пее. Како матурантка, посакува да има поголема пристапност за да стигне до театарска претстава, изложба, да не се чувства дискриминирана. Истовремено, Севда Ибраимова (20) заедно со нејзината пријателка Верче од „Порака Неготино“ ужива додека го продава списанието „Лице в лице“, додека Ивана Филиповска (36) е горда што на последната Специјална олимпијада во Варшава освои бронзен медал. 

Ова се лица со попреченост. Или лица со атипичен развој. Или лица со поинакви вештини. Светот наоѓа различни начини да ги нарекува. Но, не толку често фрла светло врз нивните животни приказни, нивните желби и потенцијали.

Токму последново е идејата на изложбата со 20 фотопортрети „И јас сум тука“, која од вчера е отворена во Кинотека. Таа поттикнува да се зборува гласно за луѓето меѓу нас, кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме.

Авторите на изложбата и истоимената книга „И јас сум тука“ се новинарката Сребра Ѓорѓијевска и фотографот Тоше Огњанов. Во разговор со Радио МОФ велат дека името дошло многу спонтано, природно. Дошло на крајот кога ги направиле сите приказни, ги запознале сите овие луѓе, деца и возрасни. При целото патување низ Македонија ги сретнале и нивните семејства, кои ги сметаат за нaјголеми борци. Заедно од сите учеле, заедно се смееле и плачеле.

„Не сметам дека сме луѓе што немаат емпатија, што не сме научени да се бориме против предрасудите, меѓутоа, овие средби имаа исклучително влијание врз нас. Ние сме буквално променети личности!“, вели Ѓорѓијевска.

Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска на отворањето на изложбата

„Предрасудите доаѓаат од возрасните“  

Таа објаснува дека се дел од мисија што почнала во Шведска уште пред 25 години. Иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал и господинот Пер Јохансон. Мисијата за рушење на стереотипите и предрасудите веќе пропатува низ Латвија и Грузија, па пристигна и во Македонија.

„Ова се приказни што треба да се шират! Преку уметноста да зборуваме за проблематиката. ‘И јас сум тука’ е дел од поголемиот проект ‘Децата не се раѓаат со предрасуди’, наслов што многу кажува. Според мене, предрасудите доаѓаат од нас возрасните, а не од децата. Ваквите проекти, во суштина, колку се обраќаат на децата, толку се обраќаат на возрасните“, вели Ѓорѓијевска.

Според Тоше Огњанов, овие лица сакаат да бидат видени, да им се посвети внимание. Огњанов има големо искуство со фотографирање, но и тој растел при целата комуникација со нив.

„Ако кај мене прво постоеше некој вид трема, како се одвиваше комуникацијата – така сфатив дека не постои бариера. Бариерата е создадена некаде во нашите вијуги. Овие лица се тука, меѓу нас. А, главниот начин на комуникацијата е насмевката. Таа е универзална! Па, се трудевме, кога некој ќе ја види фотографијата – да не прави разлика дали се работи за лице со попреченост. Туку дека е некоја личност“, потенцира Огњанов.

„Овие лица не сакаат сожалување“ 

Доаѓајќи од медиумскиот сектор, Ѓорѓијевска смета дека токму медиумите се важен партнер во процесот. Односно, важно е како ќе биде генералното информирање и прикажување на лицата со попреченост во јавност. Освен негативните аспекти, медиумите истовремено да објавуваат и позитивни приказни.

„Да не биде вест само ако некое дете не било примено на училиште, дека било исмејувано, не остварувало некое право и сл. Вест е и кога имаат успеси. Вест е и кога освојуваат медал на Олимпијада. За тие вести мораме да отстапуваме повеќе простор. Овие лица не сакаат да бидат сожалувани. Сакаат само простор да се искажат, да работат, да бидат ангажираат во нешто, да се чувствуваат полезно во општеството. Да се прикаже што сакаат, што прават… Едноставно, за сите нас има место под Сонцето“, нагласува таа.

Огњанов се надоврзува, велејќи дека ако општеството и понатаму мисли дека не може да комуницира со овие луѓе, така самото станува губитник за потенцијалите што ги поседуваат.

„Меѓу овие приказни имавме одличен графички дизајнер. Таа личност можеби вокално не може да комуницира, но ако и’ дадете компјутер, веројатно знае многу добро да се изрази, да создаде нешто од голем придонес за цело општество. Едноставно, треба отвореност. А, денеска има повеќе начини за комуникација, начини за пристап до овие луѓе, со цел да придонесат за заеднички развој“, потенцира Огњанов.

Ѓорѓијевска се присетува на филмот „Колку брусници има во светот”, во кој глумат актери-лица со попреченост од театарот „Глада Худик“.

„Филмот е многу поучен, кажува колку тие сакаат да играат, пеат, глумат. Да прават работи што сакаат! Кога заврши проекцијата слушав коментари: ‘па, јас не знаев дека овие луѓе можат да прават ова?!’. Значи, тоа е тоа. Отворање очи! Исто е и со филмот ‘Модна ревија’ каде, на забавен и искрен начин, Пер Јохансон и екипата одат во Њујорк да им се оствари животниот сoн да учествуваат на модна ревија“, потенцира таа.

На крајот, се надева дека проектот ќе можe да продолжиме и наредната година. Да не остане само со изложбата во Скопје, туку да отиде во повеќе места во Македонија, во повеќе домови на култура, за да ја видат повеќе луѓе.

Бојан Шашевски