СЈО: Секој граѓанин може да ни испрати барање за да провери дали бил прислушуван

Секојдневно расте бројот на барања кои граѓаните ги упатуваат до ова Јавно обвинителство, а се однесуваат на незаконски следени телефонски броеви, велат од Специјалното јавно обвинителство. До денес на нивната адреса пристигнале вкупно 81 барање со кои граѓаните се интересираат дали нивните телефонски броеви биле предмет на незаконско следење на комуникациите. Барањата се однесуваат за вкупно 245 телефонски броеви.

„Во оваа прилика ја известуваме јавноста дека секое заинтересирано лице може да упати писмено барање до ова Јавно обвинителство во кое ќе го наведе телефонскиот број или телефонските броеви за кои се сомнева дека биле предмет на незаконско следење на комуникациите. Во барањето потребно е да бидат наведени и имињата на лицата кои ги користеле ваквите телефонски броеви и контакт податоците за лицата. Барањата можат да бидат доставени лично, по пошта или по електронски пат“, информираат од СЈО.

Тие велат дека во однос на сите досега поднесени барања за проверки на телефонски броеви, истрагата е во тек и кога ќе бидат обезбедени сите докази, подносителите на барањата ќе бидат известени за резултатите од истрагата. Како што појаснуваат од СЈО, лицата за кои ќе се утврди дека користеле телефонски броеви кои биле предмет на незаконско следење на комуникациите, како и лицата за кои ќе се утврди дека биле соговорник на незаконски следен телефонски број, ќе бидат повикани во својство на оштетени лица.

Од Специјалното јавно обвинителство најавуваат дека наскоро ќе информираат за текот на нивната работа и ќе обезбедат податоци за одредени предистражни и истражни постапки, како и за други предмети кои се во работа во ова Јавно обвинителство, како што е предметот „Пуч“.