Сите земји од ЕУ, освен Унгарија, побараа итна хуманитарна пауза на борбите во Газа

Сите земји-членки на Европската Унија (ЕУ), со исклучок на Унгарија, вчера побараа „моментална хуманитарна пауза“ на борбите во Газа, откако израелската армија соопшти дека подготвува офанзива на југот на палестинската територија, соопшти шефот на европската дипломатија Џозеф Борел, пренесува Н1.

Барањето значи „престанок на борбата“ за да се овозможи траен прекин на огнот, објасни Борел на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Тој додаде дека земјите од ЕУ, невклучувајќи ја Унгарија, се „многу загрижени“ поради можноста за офанзива во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа и дека катастрофалната ситуација може да биде „уште полоша“ доколку Израел истрае во својата желба да ја изведе офанзивата.

Откако бил запрашан за одбивањето на Унгарија да се приклучи на барањето, Борел одбил да коментира, но нагласил дека доколку ЕУ има намера да „игра улога“ во регионот нема да може да го стори тоа ако не е „обединета“.

Европејците се длабоко поделени околу ова прашање. Некои земји, како Унгарија, го нагласуваат правото на Израел да се брани, додека други, како Шпанија и Ирска, повикуваат на итен прекин на борбите како би се ставило крај на насилството.