ОН: Жените и децата главни жртви на војната меѓу Израел и Хамас

Жени и деца се главните жртви во војната меѓу Израел и Хамас, со околу 16.000 убиени, а во просек 2 мајки ги губат животите секој ден откако започна конфликтот по ненадејниот напад на Хамас кон Израел, соопшти агенцијата за промовирање родова еднаквост при Обединетите нации.

Како резултат на повеќе од 100 дена од конфликтот, додаваат оттаму, најмалку 3.000 жени станаа вдовици и главни на семејството, а најмалку 10.000 деца ги загубиле своите татковци.

Агенцијата укажа на родовата нееднаквост и товарот на жените кои бегаат со своите деца и постојано се раселувани од едно место на друго. Од 2,3 милиони жители популација, раселени се 1,9 милиони, а речиси 1 милион од нив се жени и девојки кои бараат засолниште и безбедност.

Извршниот директот на ОН за жени, Сима Бахус рече дека ова е „сурова инверзија“ на борбите во текот на 15-те години пред нападот на Хамас на 7 октомври. Претходно, изјави таа, 67% од сите цивили убиени во Газа и Западниот брег се мажи, а помалку од 14% се жени.

Таа ги повтори повиците на генералниот секретар на Антонио Гутереш за хуманитарен прекин на огнот и итно ослободување на заложниците заробени од Хамас.

„Колку и да жалиме за ситуацијата на жените и девојките од Газа денес, ќе жалиме и понатаму без неограничена хуманитарна помош и крај на деструкцијата и убивањето“ изјави Бахус.

Министерството за здравство во Газа управувано од Хамас соопшти дека во конфликтот досега се убиени 25.000 Палестинци, а 70% од нив се жени и деца. Обединетите нации велат дека повеќе од половина милион луѓе во Газа, односно четвртина од населението гладува.