Синдикатот на Државниот испитен центар стапи во штрајк, државната матура неизвесна

Синдикалната организација на Државниот испитен центар (СОДИЦ-СФДМ) од денеска стапи во генерален штрајк, поради недобивање согласност на барањето за изменување и дополнување на колективниот договор од страна на Министерството за финансии, a со цел заштита на економските и социјалните права на своите членови, информираат од СОДИЦ-СФДМ.

Од таму посочуваат дека сите 29 вработени се членови на синдикатот и состојбата на штрајк која би траела подолго од една недела би значела невозможност да се спроведе државната матура, соопшти од СОДИЦ-СФДМ.

„Сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар (државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС итн.) ќе бидат запрени до добивање на согласност од Министерството за финансии“, велат од СОДИЦ-СФДМ.

Оттаму апелираат Министерството за финансии итно да даде согласност на веќе потпишаните измени на колективниот договор со кои вработените би добиле достоинствени плати. Во овој момент, додаваат тие, 11 од вкупно 29 вработени на различни позиции се изедначени и имаат минимална плата од 20.000 денари.