Шведска ќе го укине шестчасовниот работен ден бидејќи е „премногу скап“

Тестирањето на шестчасовниот работен ден во Шведска веројатно ќе пропадне, откако првите резултати покажаа дека трошоците се поголеми од придобивките.

Експериментот со шест работни часа дневно се спроведува во Гетеборг, каде на медицински сестри во старечки домови им беа скратени два часа работа, без да им се намали платата. Тие пријавиле дека чувствуваат поголемо задоволство од животот, сметаат дека се поздрави и нудат подобра нега на своите пациенти.

Прелиминарните резултати на тестирањето покажуваат дека сите планирани цели се постигнати, но градот морал да вработи дополнителни 17 медицински сестри, што ги чинело 12 милиони круни.

Градските власти решиле проектот да не биде траен, бидејќи стравуваат дека трошоците ќе излезат од контрола.

„Премногу е скапо да се спроведе генерално намалување на работниот ден во разумна временска рамка“, вели Даниел Бернмар, локален левичарски политичар кој се залагал за промената.

Сепак, не се откажува од плановите на долг рок.

„Јас лично верувам во помалку работни часови како долгорочно решение. Колку стануваме побогати, толку повеќе треба да искористиме од тоа богатство на други начини, место нови автомобили и се поголема консумација“.

Иако јавниот сектор на Шведска се откажува од пилот проектот, стартап сцената размислува да го воведе ова како трајно решение.