Шведска ги укина речиси сите рестриктивни мерки против Ковид-19

Шведска вчера ги укина речиси сите рестриктивни мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот, набргу откако соседна Данска го стори тоа. Со промената се укинува ограничувањето на работното време на рестораните и кафулињата, а веќе не важат и  правилата за одржување физичка дистанца, пренесува „Вечерњи“.

Се укинува и ограничувањето на бројот на посетители на настани и собири. Граѓаните на Шведска повеќе не мора да носат маски на места со голем број луѓе или во јавниот превоз. Оваа одлука Швеѓаните ја прославија во ноќните клубови во раните утрински часови.

Ублажени се и правилата за патниците во Шведска. Државјаните на Европската Унија повеќе не мора да покажуваат доказ за вакцинација, негативен тест или потврда дека прележале Ковид-19 при влез во земјата.

Владата и здравствените власти најавија укинување на мерките минатата недела, велејќи дека пандемијата влезе во нова фаза, односно дека повеќето луѓе биле вакцинирани и дека случаите на инфекција со омикрон варијантата се поблаги од претходните соеви.

Сепак, некои мерки остануваат на сила на места како што се здравствените установи и домови за стари лица.

Во меѓувреме, „Гласот на Америка“ пренесува дека Шведска го прекинала и масовното тестирање на Ковид-19, дури и кај луѓето кои имаат симптоми. Иако другите европски земји имаат сосема поинаков пристап, некои експерти велат дека прекинот на тестирањето може да стане нормално, бидејќи омикрон предизвикува поблаги симптоми и владите размислуваат коронавирусот да почнат да го третираат како и другите ендемични болести.

Чешка го следи примерот на скандинавските земји

Граѓаните на Чешка од денеска веќе не мора да покажуваат сертификати за Ковид-19 за да можат да влезат во барови, ресторани, кафулиња, како и до спортски и културни настани, јавува „Евроњуз“.

Премиерот Петр Фиала рече дека неговата влада дополнително ќе ги укине мерките во текот на февруари, во зависност од развојот на пандемијата. Поголемиот дел од ограничувањата за коронавирус треба да бидат укинати до 1 март.

Министерот за здравство Властимил Валек рече дека почнувајќи од 19 февруари, на концерти, спортски натпревари и други настани ќе може да присуствуваат до 5.000 луѓе, наместо 1.000 луѓе. Истовремено, претходно беше донесена одлука да се стави крај на задолжителното тестирање за коронавирус во училиштата и компаниите.